Протест на специјалисти/Фото: „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Приватните специјализанти гневни на министерот Демири зашто се обидел да ги исполитизира нивните барања

Министерот за здравство Илир Демири го навлече гневот на 400 приватни специјализанти откако ја даде несреќната изјава дека нивниот протест со кој бараат да добијат здравствено осигурување и просечна плата – бил „политички мотивиран“.

Денеска 400 приватни специјализанти ангажирани во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ не се појавија на работните места во клиниките. Беа револтирани што нивниот протест Демири го поврза со политиката, особено што тој самиот е лекар. Велат дека ако биле политички мотивирани до сега ќе биле вработени, како што се случува деновиве на повеќе клиники каде без задршка во предизборие се примаат секакви кадри, а дури и се назначуваат нови економски директори со кои министерот се фотографира на Фејсбук. На денешниот штрајк младите лекари споделија и лични приказни за тоа како неодговорноста на властите влијае врз нивниот личен живот.

– И јас и сопругот сме приватни специјализанти и немаме здравствено осигурување. Поради тоа не сме решиле да имаме семејство. Затоа што мене не би ми следувало породилно отсуство, а и на моето дете не би му следувало здравствено осигурување. Имам 33 години. Мислам дека ваквата ситуација е срамота, рече една од младите докторки присутни на протестот.

Протест на приватни специјализанти /Фото: „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Друга присутна сподели дека кога нејзиното дете ќе се разболи, таа се јавува кај другарите специјализанти ако може да ѝ го прегледаат детето. Специјализантите се исклучително револтирани и се чувствуваат понижени. Велат дека тие ја работат „измеќарската работа што докторите не сакаат да ја работат“, вклучително со целата административна работа, а дежурствата им се исплаќаат со редовно доцнење. Со моменталниот надоместок од 26 илјади денари кој им беше даден во времето на ковид пандемијата, повеќе не може да се преживее месецот. Тогаш им беше дадено и правото на здравствено осигурување, но наредните министри го укинаа здравственото осигурување без никакво образложение.

– Срамно е еден доктор да нема здравствено осигурување. Мислам дека нема ниедна политичка партија што треба да не мотивира за ние да си ги бараме основните човекови права кои ни се загарантирани со устав. Јас лично немам ниедна книшка од политичка партија. Единствената книшка што ја имам дома е крводарителската на која што пишува „нулта позитив“. Штрајкот ќе го продолжиме додека не помине седницата на Влада и додека Министерството за здравство не излезе со официјално известување што е одлучено на таа седница, а после тоа ќе разговараме со колегите и ќе одлучиме што ќе правиме понатаму, изјави Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант.

Протест на приватни специјализанти /Фото: „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Таа рече дека министерот Демири пред само еден месец кога протестираа со истите барања, имаше сосема поинаков став. Тогаш декларативно ги поддржал специјализантите и рекол дека ќе ги предложи нивните барања на седница на Владата, но еден месец подоцна, тоа се нема случено.

– Тоа што го изјави вчера Демири, дека три плати биле доволни за да си ја платиме месечната школарина, сакам да го прашам дали ние во тие месеци треба да плаќаме сметки, кирии и дали треба да живееме или да вегетираме за да може да ја платиме школарината?, праша таа.

Зад камерите многу пореволтирани, присутните коментираа дека самиот Демири може да им ја плати школарината од министерската плата.

За време на штрајкот што се одржа во кругот на Клиничкиот центар, граѓани случајни минувачи исто така ја изразија својата поддршка и раскажаа дека со часови се чека на Онкологија за да се прими хемотерапија и мора да се вработат уште доктори.

– Многу ми е жал што ова им се случува на младите доктори, што не ги примаат на работа. А онаму има луѓе што чекаат. Значи на Онкологија е ужас, луѓето чекаат со часови за да дојдат до хемотерапија, а некои влегуваат преку ред. Дајте нека ги вработат овие луѓе, зошто да стојат тука, зошто да бидат невработени, да не им тече стаж како на сите нормални луѓе? Дајте да се направи барем нешто за овие млади луѓе да ни останат тука. Како да останат? Како и народов да остане тука кога ќе нема доктори, ќе нема ништо? Малку доктори има на Онкологија, но треба нови да се примат. До каде отидовме? Многу е жално ова што се случува во нашата држава. Два милиони народ не можеме да се организираме. Срамота е, 21 век е, светот до вештачка интелигенција дојде, изјави ќерка на онколошка пациентка која во тој момент поминуваше во близина на протестот на приватните специјализанти. 

Ќерка на пациентка која се лекува во Клинички центар, која им изрази поддршка на младите специјализанти и побара вработувања на лекари зашто Онкологија кубури со кадар.

На владина седница денеска ќе се одлучува за барањата за покачување на платите на специјализантите кои изнесуваат 26 илјади денари, а тие бараат да изнесуваат колку што е просечната плата. Министерот Демири побара трпение од приватните специјализанти ама нивното трпение се истроши. Тој најави дека после изборите ќе побара ребаланс на буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.

Лекарите не сакаат „желботека-специјализации“, кадри од штабови, сестри што не знаат да ја стават иглата на шприцот и плати мизерија

Специјализантите му се налутија на Нико Беќаровски: Никој немал ќар од нас, а ни бараше да дежураме на Токсикологија без пари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот