
Приватните превозници молат за пари, ЈСП и Арсовска молчат, граѓаните страдаат
Ќе се вратиме во сообраќај доколку нѝ исплатат барем дел од вкупниот долг за да можеме да работиме. Од јануари до сега нѝ должат 150 милиони денари, вели сопственикот на „Радос компани“, Влатко Тодоровски.
Скопјани деновиве пак се на мака со јавниот градски превоз, затоа што приватните превозници ги оставија „на цедило“. Тие два дена возеа после осум часот наутро, а од денеска воопшто ги нема на скопските улици. Причината за ваквиот потег, која ја пласираат пред јавноста, е дека ЈСП не им ги исплатило парите што им ги должи. Од граѓаните бараат разбирање за нивните постапки затоа што немале пари за нафта и за тековно одржување.
Препорачано
Нивниот претставник, Јовица Зафировски, кои со денови е недостапен за „Слободен печат“, меѓу останатото да одговори дали деновиве не возат поради тоа што ЈСП им должи или затоа што немаат активен договор со градот, денеска во изјава за 24ТВ посочи дека нема да сообраќаат додека ЈСП не им ги уплати средства за да можат да ги вклучат автобусите.
Ние имаме информација дека Градот Скопје има уплатено 40 милиони денари токму за нас и ние ги чекаме тие пари. Значи ЈСП „Скопје“ треба да ни ги префрли тие пари и автобусите веднаш ќе се вклучат – вели Зафировски.
Попрецизно објаснување за актуелната состојба даде директорот на „Радос компани“, една од трите компании кои се ангажирани во градскиот превоз, Влатко Тодоровски, кој потврди дека нема да возат затоа што ЈСП им должи 150 милиони денари за периодот од јануари досега.
Ќе се вратиме во сообраќај доколку нѝ исплатат барем дел од вкупниот долг за да можеме да работиме. Од Град Скопје префрлиле пари до ЈСП, но оттаму сѐ уште не ни ги исплаќаат. Наводно директорот на ЈСП чекал уште некој потпис од Град Скопје, а од таму не потпишувале – објаснува директорот Тодоровски.
На прашањето како воопшто возат овој месец кога договорот за вршење јавен градски превоз истече на крајот од мај, тој вели дека според договорот тие се обврзани да возат до објавувањето на новиот јавен повик.

Во меѓувреме, ниту Град Скопје ниту од ЈСП не излегуваат да објаснат пред граѓаните кога ќе се реши проблемот со јавниот градски превоз. Директорот на ЈСП Драги Кушовски е недостапен на телефон, а не одговара ниту на пораките со кои од него баравме одговор кога ќе им се исплатат парите на превозниците.
Градоначалничката Данела Арсовска пак, преку Фејсбук предупреди дека некој сакал да искреира хаос во јавниот превоз.
Им се дестабилизира милионскиот бизнис. Им се дестабилизираа Ганиу, Меџити и Адеми. Утрово ми јавија дека сковале план сега да го дестабилизираат Скопје. Ќе почнат со ЈСП, па со „Комунална хигиена“ и ќе креираат хаос за да дефокусираат и да владеат. Ете што ќе се случува од денес. Бизнис коалицијата со Ганиу, Меџити и Адеми, не смее да трпи – обвини Арсовска.
Притоа, додека градоначалничката предупредува дека некои сакаат да креирата хаос, да потсетиме дека хаосот во јавниот превоз не е од сега, и дека таа треба да одговори зошто ЈСП не им ги исплаќа редовно парите на приватните превозници, кои вршат иста услуга за граѓаните како и јавното градско претпријатие.
На приватниците им истече договорот, ќе останат ли скопјани повторно само со автобусите на ЈСП?
Скопјани денеска, во отсуство на приватните автобуси по цел час чекаа на автобуските, затоа што капацитетот на ЈСП да одговори на потребите на граѓаните веќе е познато дека не е доволен. Им недостигаат автобуси во возниот парк, а и повеќето од оние што ги имаат им се пред „издишување“.
На жешково пак не оставија на цедило. Смачено ми е веќе и одење и враќање од работа поради чекањето автобус. А кога долго нема автобус јасно е дека кога ќе стигне во него е ужасна гужва. До кога веќе вака, до кога ќе се игра со граѓаните. Ваква катастрофа како во изминативе две години ниту имало ниту ќе има – реагира скопјанец, кој кај „Рекорд“ чекаше автобус до Волково.
Од денеска не возат приватните автобуси на линиите 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11A, 12, 47A, 55, 19, 20, 22, 52, 54, кои со стотина автобуси ги опслужуваат „Јофи Бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“. До кога ќе биде вака, засега е непознато.