
Притвор за уапсениот полицаец во Косово кој се сомничи дека шпионирал за српските разузнавачки служби
Истакнат косовски полицаец, кој беше уапсен под сомнение за шпионажа и соработка со Безбедносната и информативна агенција (БИА) од Србија, доби едномесечен притвор, потврди денес Основниот суд во Приштина, јавува Н1 телеивизија.
Препорачано
Судот оцени дека притворот е соодветна мерка поради можниот ризик од бегство.
„Доколку обвинетиот биде ослободен, постои ризик од бегство, тој би можел да избегне кривична постапка и да биде недостапен за судските органи, имајќи предвид дека е осомничен за кривично дело со многу висок ризик, имено кривично дело шпионажа, како и земајќи го предвид фактот дека тој ја загрозува националната безбедност, животите на службените лица и граѓаните на Република Косово“, наведува судот.
Исто така, истакнува судот, постои ризик од влијание врз сведоци, но и од повторување на кривичното дело.
„Судот, исто така, процени дека, доколку обвинетиот биде ослободен, тој би можел да влијае врз доказите и сведоците, како и да го повтори истото кривично дело или да стори други кривични дела во слични или посериозни околности. Судот смета дека тежината на кривичното дело е од сериозна природа и дека изрекувањето на мерка притвор е неопходна мерка во овој кривичен случај и дека секоја друга мерка би била недоволна за успешно водење на кривичната постапка, спречување на нарушување на нормалниот тек на оваа кривична постапка, како и спречување на повторување на кривичните дела.“
Во четврток,полицаецот Б.Ј. беше уапсен на граничниот премин Бела Земја, каде што беше вработен како надзорник.