
Присила Присли: „Елвис ќе полудеше ако дознаеше кој ми е во креветот. Среќа е што никогаш не дозна“
Долго време по разводот, Елвис Присли бил посесивен кога станувало збор за Присила Присли. Тоа лично го откри поранешната сопруга на кралот на рокенролот во својата втора книга, „Тивко, додека си одам: Живот по Елвис“.
Препорачано
Денес 80-годишната актерка отворено проговори за својот романтичен живот по разводот со Елвис во 1973 година, при што тврди дека нејзиниот поранешен сопруг се обидувал да влијае на нејзините врски, и дека би „полудел“ доколку дознаел дека Роберт Кардашијан бил во нејзиниот кревет. Присила, како што пренесува „Њујорк пост“, започнала да се гледа со Кардашијан во 1975 година, откако се разделила со Кралот.
И покрај нивниот развод, Елвис продолжувал да ја бара по телефон среде ноќ, а еднаш се јавила во 2 часот наутро, сосема несвесна од заспаноста дека Кардашијан спиел покрај неа.
„Ќе полудеше, можеби буквално, доколку знаеше дека Роберт е во мојата спална соба“, изјавила Присила за „Сан“.
Елвис никогаш не дознал за нејзината врска со Кардашијан, исто како што ни славниот адвокат, подоцна првиот сопруг на Крис Џенер, не знаел дека Елвис ѝ се јавувал додека тој цврсто спиел. Присила и Кардашијан биле во врска околу една година, а таа објаснила зошто тоа никогаш не би успеало.
„Роберт беше драг човек и ми се допаѓаше. Но неговата напорна работа како адвокат, која вклучуваше долги часови работа, не ми одговараше“, раскажала таа, додавајќи дека тој бил подготвен за брак, што на неа, по разводот со Елвис, воопшто не ѝ било на ум.
По нивното раскинување во 1976 година, Присила и Кардашијан останале пријатели. Тој во 1978 година се оженил со Крис Џенер и добиле четири деца – Кортни, Ким, Клои и Роберт Џуниор. Разводот се случил во 1990 година. По смртта на Роберт во 2003 година, кој ја изгуби битката со ракот, неговата ќерка Ким наводно ја контактирала Присила.
„Роберт и јас разговаравме пред тој да почине. Тој беше најљубезниот човек на светот и го паметам со голема љубов“, изјавила поранешната сопруга на Присли.
Присила и Елвис имаа едно дете, Лиса Мари Присли, која почина во јануари 2023 година на 54-годишна возраст. Причина за смртта беше опструкција на тенкото црево поради баријатриска операција. Присила неодамна повтори дека нивната ќерка не сакала повеќе да биде „овде“ откако нејзиниот син Бенџамин Кио си го одзеде животот во 2020 година.