
Природата е најдобриот лек: Половина час дневно на отворено ја намалува депресијата
Современиот начин на живот често нè врзува за затворени простории, екрани и обврски што нè држат далеку од природата. Сепак, токму престојот на отворено може да биде наједноставниот и најздравиот начин да го зајакнеме телото и умот, со превенција од сериозни болести – што го потврдија и научниците, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Кога ќе излеземе надвор од затворен простор, нашето дишење станува подлабоко, кислородот полесно циркулира низ организмот, а тоа не влијае само на расположението, туку и на виталните телесни функции.
Сончевата светлина има клучна улога во синтезата на витамин Д. Тој ни е неопходен за здрави коски, добра крвна слика и силен имунолошки систем. Без доволно витамин Д, апсорпцијата на калциум и фосфор од храната значително опаѓа, што со време може да ги ослаби коските и да го зголеми ризикот од остеопороза и кардиоваскуларни заболувања.
Научниците докажале и дека сончевата светлина ја поттикнува активноста на Т-клетките – клучни одбранбени единици на нашиот имун систем. Дополнително, природната светлина влијае врз лачењето на серотонин, хормон кој ја подига енергијата и го подобрува фокусот, а во исто време го намалува нивото на кортизол, хормонот на стрес.
Престојот на отворено не користи само на телото, туку и на мозокот. Прошетка во природа или време поминато на зелени површини ги ресетира мисловните процеси, давајќи им нов агол на гледање – што ја зголемува креативноста и го забрзува решавањето проблеми. Дури и кратка дневна прошетка може да ја подобри концентрацијата и самодовербата. Забележано е дека кај децата со нарушено внимание, природното опкружување значително ја подобрува способноста за фокусирање.
Научните истражувања потврдуваат и дека изложеноста на природна светлина во текот на денот го регулира внатрешниот биолошки часовник. Со тоа се подобрува квалитетот на сонот и се намалува ризикот од нарушувања на расположението, вклучувајќи ја и сезонската депресија.
Движењето надвор го поттикнува вежбањето – од лесна прошетка, преку брзо одење, до вежбање во паркови – што придонесува за подобро согорување калории и одржување на здрава телесна тежина. Воедно, физичката активност на отворено докажано го намалува крвниот притисок, ја подобрува циркулацијата и го зајакнува капацитетот на белите дробови.
Освен тоа, природниот циклус на светлина и темнина му помага на организмот да го регулира ритамот на спиењето, па оние што редовно престојуваат на отворено полесно заспиваат и се будат поодморени.
Научни студии покажале дека контактот со природата го намалува ризикот од депресија и анксиозност. Растенијата испуштаат фитонциди – супстанци со антибактериско и антивирусно дејство – па престојот во шума или во зелено опкружување дополнително ги зајакнува одбранбените капацитети на организмот.
Оваа практика, во Јапонија позната како „шумска терапија“, сè почесто се препорачува и во други земји како природен начин за намалување на стресот, спуштање на крвниот притисок и подобрување на работата на срцето. Забележано е и дека престојот во природа го намалува нивото на воспалителни маркери во крвта. Тоа значи дека може да ги забави процесите на стареење и да го намали ризикот од хронични болести.
Затоа, без разлика на обврските и темпото на живот, доволно е секој ден да најдеме барем половина час за престој на отворено. Природата ни ја враќа енергијата, го чува имунитетот, ја поттикнува креативноста, а што е можеби најважно – ни го враќа чувството на внатрешна рамнотежа.