
Принцот од Врање е филолог и мајстор за карате: Натпреварувачкиот дух е дел од мене уште од мали нозе
Српскиот пејач Стефан Здравковиќ, попознат како Принцот од Врање ќе ја претставува Србија на овогодинешната Евровизија со песната „Мила“.
Препорачано
Стефан е роден во Врање, а од 2002 година живее во Белград. Бил државен првак и вицешампион на Србија во карате, се натпреварувал и за српската репрезентација.
-Натпреварувачкиот дух е дел од мене уште од мали нозе. Еден семеен пријател дојде во нашиот стан, разговараше со мајка ми и со татко ми и рече дека тоа ќе ми помогне да ги изострам сетилата. Се сеќавам на една реченица која не е баш најбезбедна: „Кога ќе ја поминува улицата, нема да мора да гледа лево-десно затоа што ќе може да го осети тоа со своите сетила“. Сега, јас не сум баш нинџа, но тоа е она што ме воведе во каратето. Каратето ме научи дека нема откажување. А кога е најтешко, човек мора да се соочи со себе затоа што има и тешки моменти. Запознав прекрасни луѓе и денес многу од нив ми се пријатели. Мислам дека е многу важно да се изрази почит, тоа потоа се пренесува во секојдневниот живот – изјави Принцот од Врање за српски Еспресо.
Во средно училиште, на 15-годишна возраст, почнал да се занимава со музика, кога заедно со пријателите го основале бендот „Sixth String“.
По професија е филолог, дипломирал на отсекот за скандинавски јазици, литература и култура, норвешки јазик, на Филолошкиот факултет во Белград. Здравковиќ пее, свири гитара и тапани.
За време на настапот на првата полуфинална вечер врз Принц падна реквизит.
– За жал или за среќа, среде настапот се откачи сајлата и Месечината падна врз мене. Не знам како се случи тоа, но имавме пет секунди молк во програмата што се пренесуваше во живо – изјави тој.
На прашањето на новинарите дали тоа го вознемирило и дали го изгубил гласот, тој рече:
-Искрено да, ама многу брзо се смирив. Тоа е нешто на што работев.
За српските медиуми Принцот од Врање изјави дека одамна имал голема желба да настапува на Евровизија.
– Тој сон го имав многу долго. Кога Норвежанецот Александар Рибак победи на Евровизија, тој фестивал почнав да го доживувам како нешто на кое би сакал да се појавам и да го претставувам знамето на нашата земја. Потоа како дете се натпреварував во карате за Србија. Сакав да се пласирам и на Олимпијадата, но не беше реално да ги избалансирам сите обврски.
Учествувал на многу фестивали, како што е Словенскиот базар во Белорусија. Победник е на меѓународниот музички натпревар „Речни ноти“ во Бугарија, а победил и на еден од најголемите музички фестивали во Малта. Учествувал и на фестивали во Казахстан, Литванија, Италија и Шпанија.