дкск
ДКСК/ фото Архива

„Прима Инкасо“ од Штип стана прва регистрирана лоби-организација

Со денешната одлука на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Друштвото за услуги  „Прима Инкасо ДООЕЛ“ од Штип и официјално стана првата лоби-организација запишана во Регистарот на лобисти, лоби-организации и лобирање, кој го води ДКСК согласно Законот за лобирање.

-По извршената проверка на потполноста на пријавата и исполнетоста на условите од членовите 6 и 7 од Законот за лобирање, а со оглед на тоа што на подносителот не му е суспендирано правото на повторно запишување во Регистарот, подносителот се запишува првпат во Регистарот, рече Демири.

Законот е усвоен пред две години, но само штипското друштво офицално поднесе пријава до Комисијата за стекнување статус на лобист и лоби-организација. „Прима Инкасо“ на  Стефанија Монева и Киро Монев се регистрираше за лобирање во областа на економијата, енергетиката и правните услуги.

-Ова е прва организација која се регистрира според Законот за лобирање, кој е донесен пред две години и сакам да ги охрабрам и да ги повикам и другите заинтересирани за лобирање да се регистрираат. ДКСК и Секретаријатот ќе им помогнат во процесот на регистрација – рече потпретседателот на ДКСК Зоран Богоевски, на денешната седма седница.

Инаку „Прима Инкасо“ е реномирана компанија од Штип, која е дилер на „ТолтуМоторс“.

Според Законот, лобирањето претставува активност со цел остварување влијание врз процесите на подготвување, донесување и изменување на закони, подзаконски или други општи акти, како и јавни политики, односно програми што ги донесуваат органите кај кои се лобира, особено кога тие политики, односно програми се однесуваат на просторно и урбанистичко планирање, развој и доделување, односно распределба на јавни средства.

Исто така лобирањето подразбира контакт со лице кај кое се лобира, со цел конкретно насочено влијание врз процес, односно врз содржина на јавни политики, односно програми, прописи и други акти, а кој контакт се остварува вон утврдена и започната постапка, односно процедура и не претставува јавно соопштен став, односно мислење, ниту пак учество на повик, односно на барање на орган кај кој се лобира во работа на подготвување, разгледување или барање, односно давање фактографски информации, односно податоци или стручни мислења за иницијативи и предложени решенија за јавни политики, програми, закони, други прописи и општи акти.

Лобирање може да вршат само лобисти регистрирани согласно со одредбите од Законот или пак овластено лице на лоби- организацијата.

Заради лобирањето, лобистот, односно лоби-организацијата не смее да прима, дава, ветува донации, подароци, услуги, влијание или други погодности или предности за себе или за друг, ниту да го стави лицето кај кое лобира во состојба на судир на интереси или ќе му предизвика чувство на обврска спрема лобистот, односно лоби-организацијата. Предвидената глоба за вакво дејство е во износ од 500 до 1.000 евра, согласно Законот за лобирање.

Забрането е истовремено, односно паралелно лобирање по однос на исто прашање во одредена област насочено кон остварување на спротивставени интереси.

За секој контакт со цел лобирање, лицето кај кое се лобира е должно да изготви записник од остварен контакт со цел лобирање, а копија доставува до ДКСК, која врши формална проверка на записникот.

Избрани и именувани лица, секретари во единици на локалната самоуправа, генерални секретари, државни секретари, одговорни лица во јавно претпријатие или јавна установа основана од орган кај кој се лобира и одговорни лица во организации со јавни овластувања, не смеат да вршат лобирање додека им трае мандатот, туку по истекот на три години од денот на престанокот на мандатот, за што е пропишана глоба во износ од 300 до 500 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот