Симона Димковска од Здружението „Културно ехо“ / Фотографија: КСП „Центар-Јадро“

Презентација на социјално-ангажиран проект на „Културно ехо“ ќе се одржи во КСП „Центар-Јадро“

Во рамките на новиот проект „Артс хаб“ (Arts Hub), кој КСП „Центар-Јадро“ ќе го реализира во периодот 2023/24 година, планирана е серија презентации и разговори со уметници од локалната уметничка сцена.

Преку оваа серијата од шест презентаци и разговори, домашните уметници и автори, кои во контекст на програмата на КСП „Центар-Јадро“ во изминативе две години беа поддржани да реализираат свои проекти на партиципативна/ социјално ангажирана уметност (Кристина Божурска, „Културно ехо“, Елена Чемерска, Ивана Мирчевска, Симона Манчева, Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски), ќе ги претстават своите веќе реализирани проекти и ќе ги споделат искуствата и лекциите научени од праксата во специфичниот локален контекст.

Серијата на презентации почна на 4 февруари со проектот „Добро. Подобро, чисто!“ на Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски, а продолжува со презентацијата на проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ на „Културно ехо“ на 8 февруари, со почеток во 20 часот, во КСП „Центар-Јадро“.

Проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ имаше за цел да ја зголеми транспарентноста и партиципативноста во процесот на урбанистичкото планирање на градот, преку серија јавни настани од мултимедијален карактер, чија основна цел беше да поттикнат критичко размислување и да иницираат вклучување на локалната заедница во процесот на планирањето на просторот.

Тема на проектот беше новиот Генералeн урбанистички план за Скопје (ГУП за период од 2023 до 2032 година), кој е најважниот документ за планирањето на иднината на градот. Во рамки на проектот беа реализирани три настани во три општини во Скопје.

Содржина на настаните што се реализираа во рамките на проектот се: Интерактивен документарен филм кој обработува повеќе локации од важечкиот ГУП (од 2012 до 2022 година) што веќе се предмет на дебата во јавниот дискурс; Работилница на тема „Што претставува ГУП и зашто е важен?“ со инволвирање на граѓаните и интеракција за нови идеи и предлози во насока на планирањето на градот; и Дебата на тема „Нов ГУП, нова можност за Скопје?“.

Проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ го реализира Меѓународното здружение на граѓани „Културно ехо“ – Скопје во соработка со здружението „Ситископ“ – Скопје во рамки на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“ на КСП „Центар-Јадро“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот