Љупчо Пренџов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

ПРЕСВРТ | Љупчо Пренџов: Власта е стабилна, изборниот законик ќе помине, приоритет по изборите се правосудството и економијата

Едногодишната работа на Владата ја оценувам како задоволителна од повеќе аспекти. Оваа Влада е стабилна, а нејзиниот легитимитет произлегува од конкретни резултати – подобрување на положбата на пензионерите, раст на платите, напредок во инфраструктурата, склучување договори со стратешките партнери и активно учество на државата на меѓународната сцена,“ изјави Љупчо Пренџов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во гостување на емисијата „Пресврт“ на „Слободен печат“.

Според Пренџов, покрај позитивните резултати, Владата е свесна и за предизвиците и слабостите со кои се соочува, и токму таму треба да се насочи фокусот во наредниот период.

„Има недостатоци за кои сме свесни како владејачка партија. По изборите, мора посериозно да се насочиме кон реформи во правосудниот систем, интензивна борба против сивата економија и поддршка за развојот на средната класа. Тоа ќе бидат нашите приоритети,“ истакна Пренџов.

Неговата изјава доаѓа во контекст на една година од формирањето на актуелната влада, во пресрет на нови политички процеси и избори.

Говорејќи за тековната состојба со Изборниот законик, Пренџов посочи дека околу ова прашање традиционално постои поширока политичка согласност и дека очекува поддршка и од опозициските партии.

„Коалицијата што ја предводиме е стабилна и брои речиси две третини во Собранието – што е реткост во поновата политичка историја на државата. Очекувам изборниот законик да добие широка поддршка, бидејќи неговото донесување се темели на јавен и транспарентен процес, а самото законско решение е во интерес на граѓаните. Секоја партија што навистина се залага за демократски изборен процес, без разлика дали е на власт или во опозиција, тешко би можела да се спротистави на ваков пристап,“ изјави пратеникот Љупчо Пренџов.

Тој додаде дека, според неговите информации, поддршката за новиот изборен законик, кој се подготвува во рамки на Министерството за правда, е речиси сигурна.

– Очекувам поддршка од сите пратеници. Законикот е во завршна фаза и верувам дека ќе биде изгласан со широка политичка согласност – истакна Пренџов.

Пратеникот од владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ во емисијата се осврна и на инфлацијата и сиромаштијата, локалните избори, состојбите во Градот Скопје и кои би биле евентуалните кандидати за градоначалници со кои партијата на власт ќе ја бара довербата кај гласачите на претстојните избори.

Целиот разговор со пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов, можете да го погледнете на каналот на Јутјуб  и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот