Билјана Ивановска - Поранешна претседателка на Антикорупциска

ПРЕСВРТ | Ивановска: Ако нема реакција на Собранието за скандалот во Антикорупциска, ќе му потоне интегритетот

Во моментов не е толку важно како претседателката на ДКСК Татјана Димитровска ќе се произнесе по објавата дека е осомничена за случајот „Адитив“ и дали таа ќе си поднесе оставка. Сега на потег се Собранието и комисијата за политички систем, коишто се надлежни за Антикорупциска. Тие треба да го преиспитаат работењето на сите процеси во ДКСК. Доколку Собранието не реагира на ваков скандал, подразбира дека тоа ја прифаќа таквата игра, вели Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, во емисијата „Пресврт“.

– Собранието мора да се грижи за својот интегритет. Премолчувањето односно непреземањето чекори за скандалот во Антикорупциска, ја нарушува сликата за пратениците, но и за Собранието како институција. Одобрувајќи го лошото кај другиот, стануваме дел од тоа. Доколку пратениците сакаат да живеат во ваква слика во која се наоѓа општеството, ќе се однесуваат како што сега се однесуваат. Доколку посакуваат нешто да подобрат, ќе тргнат од себеси што може секој да подобри и единствено така ќе се создаде подобро општество – вели Ивановска.

Поранешната претседателка на Антикорупциска, Ивановска, уверува дека државата преку нејзините институции има капацитет да се избори против ова зло, кое се нарекува поткупливост и криминал.

– Сега потребно е Обвинителството да си ја изврши работата на професионален начин онака како што треба за да си излезе вистината на виделина за сомнежот околу актуелната претседателка на антикорупциска Татјана Димитровска, тоа е едно. Второ, факт е дека има корупција секаде. Меѓутоа, граѓаните треба да бидат свесни дека сите ние сме државата, сите граѓани се државата и дека корупцијата со еден човек не бидува, значи мора да ја има уште еден. Тоа наведува дека секој граѓанин што ќе биде повикан да го игра тоа танго наречено корупција, ќе рече не сум јас за оваа игра. И секој може да даде свој придонес во борбата против неа. Јас знам и сум уверена дека оваа земја има капацитет да излезе од оваа сага и да бидеме како орелот што ќе излезе од пепелта за да направи нови крилја – коментира поранешната антикорупционерка Ивановска.

Повеќе од разговорот со Билјана Ивановска можете да погледнете во видеото и емисијата Пресврт на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот