Свеченото доделување на „Златен објектив“ ќе се одржи на 29 април во киносалата на Кинотеката

Престижното признание „Златен објектив“ на Кинотеката за 2025 година ќе го добие доајенот Петар Богоевски

Крајот на април во Кинотеката секоја година е резервиран за доделувањето на „Златен објектив“. Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Со одлука на Управниот одбор на институцијата, годинашниот „Златен објектив“ ќе му биде доделен на Петар Богоевски, светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли.

Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ каде што го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови.

Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.

Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.

Признанието „Златен објектив“ традиционално се доделува на 29-ти април, бидејќи на тој датум во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.

Оттаму, свеченото доделување на „Златен објектив“ на доајенот Петар Богоевски ќе се одржи на 29 април, во 12 часот, во киносалата на Кинотеката на РС Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот