
Престана со работа термоцентрала во БиХ, дневната загуба е 280.000 евра
Термоелектраната Угљевиќ, која работи како дел од едно од трите јавни електроенергетски претпријатија со седиште во Бања Лука, привремено го прекина производството на електрична енергија поради недостиг на јаглен, што претставува закана за нарушување на снабдувањето со електрична енергија на тој субјект.
Препорачано
Како што информираа од рудникот и термоелектраната Угљевиќ, која се наоѓа на северо-источниот дел на Босна и Херцеговина, прекинот на производството предизвикува дневна загуба од околу пет гигават-часови електрична енергија, што е околу 280.000 евра. Од управата на ТЕ Угљевиќ посочуваат дека недостигот на јаглен е резултат на долгорочни проблеми, меѓу кои е и експропријацијата на земјиштето, што доведе до намалување на количината на јаглен во депониите и неможност за развој на рудникот. Како што се наведува во соопштението, претходните администрации не ги презеле потребните чекори за решавање на проблемот, а сегашната состојба била предизвикана и од употребата на јаглен со послаб квалитет, што ја зголемило потрошувачката на енергија за најмалку 20 проценти и следствено доведе до загуби. Раководството предупредува дека доколку прекинот трае, „Електропривреда“ на Република Српска може да биде принудена да набавува струја по повисоки „вонредни“ цени, што дополнително ќе ја загрози енергетската стабилност на Република Српска. Трошоците за рестартирање на фабриката се проценуваат на околу 50.000 евра, пренесува Индекс.хр.