Преспанско езеро / 2020 / Фото: Слободен печат

Преспанското Езеро е презаситено со фосфор на сите длабочини и наместа не е за употреба, а реките ни се полупразни и многу загадени

Водите во Преспанското Езеро на одредени места на брегот се толку загадени со фосфор и нитрати што водата не е за никаква употреба, покажуваат податоците од Извештајот за квалитетот на животната средина за 2022 година, што неодамна го објави ресорното министерство. Такво е подрачјето околу мерното место Голема Река, каде концетрациите на вкупен фосфор и нитрати се екстремно зголемени и значително повисоки од концентрациите на другите мерни места на брегот – Претор, Крани, Наколец, Сливница, Стење и Отешево.

Презаситеност со фосфор, всушност има на сите делови од езероро и на сите длабочини!

– Примарните антропогени извори на фосфор во водните тела ги вклучуваат и исцедоците од урбаните средини, поточно отпадните води од домаќинствата, индустриските отпадни води, како и исцедните води од аграрните површини. Квалитетот на водата на литоралот на Пресапанско Езеро на мерните места Голема Река, Претор, Крани, Наколец, Сливница, Стење и Отешево е прикажан преку анализа на концетрациите на вкупен фосфор и нитрати. Според добиените резултати квалитетот одговара на умерено еутрофична вода, која во природна состојба може да се употреби за наводнување и по соодветна обработка и за индустриски цели. Поголеми концетрации на вкупен фосфор и нитрати се регистрирани на мерното место Голема Река, кои одговараат на хипертрофична вода, која во природна состојба не треба да се употребува за ниедна намена – се вели во Извештајот.

Во документот се пренесени резултатите од физичко-хемиските истражувања на Преспанското Езеро што го изврши Хидробиолошкиот завод од Охрид, кој во текот на 2021 и 2022 година, во четирите годишни периоди следеше повеќе параметри како: температура, реакција на водата (рН), растворен кислород, растворени биоразградливи органски материи преку перманганатна потрошувачка, вкупен азот, вкупен фосфор, нитрати и др.

Според Уредбата за класификација, водите од најзагадената петта класа имаат вкупен фосфор повисок од 75 микрограми на литар, а во мерното место Голема Река просечната концентрација на вкупен фосфор во 2021 била 85, а во 2020 година дури 170 микрограми на литар вода!

Квалитет на водите на брегот на Преспанското Езеро,  извор: Извештај на МЖСПП

Освен водите на брегот, односно на литоралот, следен е квалитетот и на пелагијалот, односно водите во вертикален столб на едно мерно место на езерото со четири длабочини – 0, 5, 10 и 15 метри.

– Следени се растворен кислород, суспендирани материи, биолошка потрошувачка на кислород (БПК5) и органски материи и нитрати за 2020 и 2021 година, при што се забележува дека во 2021 година има поголеми концентрации на растворен кислород и БПК5, споредено со 2020 година. Согласно добиените резултати квалитетот на водата одговара на еутрофична до умерено еутрофична вода која во природна состојба не може да се употреби без претходна обработка.  Во однос на параметарот вкупен фосфор на сите длабочини на мерното место на пелагијалот водата е од четврта класа – се вели во Извештајот.

Не е добар ниту квалитетот на македонските реки, за што податоците се добиваат од Управата за хидрометеоролошки работи. Управата ги следи параметрите на Вардар, Пчиња, Треска, Радика, Лепенец, Црна Река, Крива Река, Брегалница, Елешка, Струмикца и Црн Дрим на вкупно 20 мерни места.

– По однос на концентрацијата на кислородните показатели, водите генерално спаѓаат во прва и втора категорија, со исклучок на биохемиската потрошувачка на кислород, според која на мерното место Скочивир на Црна Река, на мерните места Таор, Башино Село и Ногавеци на реката Вардар, мерното место Устие на реката Лепенец и на мерното место Коњарево на река Струмица квалитетот одговара на трета категорија – се вели во Извештајот.

Реката Вардар е исклучително валкана, матна и загадена
Реката Вардар е исклучително валкана, матна и загаденаФото: Слободен печат

Квалитетот на водата во реките во однос на еутрофикационите детерминанти е прикажан преку анализа на средногодишните концентрации на нитрати и нитрити.

– При анализа на измерените податоци за средногодишни концентрации на нитрати во реките може да се види дека квалитетот на водата на сите мерни места одговараат на пропишаните вредности за квалитет од прва и втора класа. Во однос на средногодишните концентрации на нитрити квалитетот одговара на трета и четврта класа, со исклучок на мерните места Треска, Пелинце, Шпиље и Бошков Мост, каде квалитетот одговара на прва и втора класа – се вели во Извештајот.

За хидролошка состојба е наведено дека лани исполнетоста на акумулациите со вода не била на високо ниво и се движела околу 50 отсто од вкупниот расположлив капацитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот