Преспанскиот договор и натаму камен на сопнување помеѓу власта и опозицијата во Грција

Преспанскиот договор и актуелизирањето на темата поради фактот што официјални лица во земјава не го користат уставното име повторно предизвика несогласувања помеѓу власта и опозицијата во Грција. Опозициската СИРИЗА која пред неколку дена го актуелизираше прашањето за трите Меморандуми за Македонија и побара да се изгласаат во грчкиот Парламент сега со друга реакција. Претседателот на партијата Стефанос Каселакис му порача на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да го поништи Преспанскиот договор ако смета дека бил предавнички.

За време на предизборниот митинг во Солун во пресрет на европските избори на 9 јуни, Каселакис говореше за сите актуелни теми во Грција, но и за прашањата во грчката надворешна политика, осврнувајќи се и на Договорот од Преспа.

„Испраќам јасна и едноставна порака до премиерот. Договорот од Преспа е билатерален. Ако продолжувате да сметате дека е предавнички, постои само еден начин. Да го сторите она што го кажуваа вашите претставници, а многумина од нив сè уште го кажуваат: „Ако ВМРО ни даде шанса, ќе го поништиме договорот“. Ова го кажуваа. Истото го посакуваат и т.н. „борци за Македонија“ што ги вадевте на улица и се ваши гласачи: Да го поништите. Па, еве го Скопје, отидете. Да видиме. Но, нема да го сторите тоа. И знаете зошто нема да го сторите тоа? Бидејќи Договорот од Преспа е тоа што го сакавте како партија, но тогаш Груевски во никој случај не прифаќаше да направи толку отстапки, како што направија пред Владата на СИРИЗА, пред Алексис Ципрас и Никос Коѕијас“, истакна Каселакис.

Претходно СИРИЗА обвини дека Мицотакис не сакал да се изгласаат Меморандумите од внатрепартиски причини и за да ја одржи рамнотежата во Владата.

Претседателот на опозициската партија исто така додаде дека ако актуелниот грчки премиер има намера да го почитува Договорот од Преспа „како национално корисен“, постојат два морални предуслови, да му се извини на грчкиот народ, но и на поранешниот премиер Ципрас и поранешниот шеф на дипломатијата Коѕијас.

„Прво, ќе му се извините на грчкиот народ за омразата, поделбата, нетолерантноста што ја негувавте за да ја добиете премиерската фотелја, викајќи против Договорот, со кој се согласувавте. Второ, ќе им се извините на двајцата луѓе на кои им залепивте етикета на „национален предавник“ во време кога ја вршеа нивната патриотска должност, Алексис Ципрас и Никос Коѕијас. Тоа се морални предуслови господине премиере. Јас немам илузии дека ќе го сторите тоа“, посочи лидерот на СИРИЗА.

Каселакис им се обрати на жителите на северна Грција, на грчката област Македонија кои се против Договорот, велејќи им дека Нова демократија ги искористи, бидејќи „сега моли да се почитува Договорот од Преспа“.

„Сакам од сè срце да им се обратам на сите граѓани на Македонија, кои не се согласуваат со Договорот од Преспа. Ве почитувам, не се согласуваме, но никогаш не ве излажавме. Искрени сме со вас. Ова е нашата позиција. Знаете кои сме. Но, оние кои ги гласавте ве излажаа, ве искористија, ви го зедоа гласот, ве изведоа на улица и сега молат за почитување на Договорот. Ова се нарекува апсолутно исмејување“, додаде Каселакис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот