Преспа форум за дијалог: Долгото чекање за ЕУ води до малигни влијанија

Регионалната стабилност и безбедност, проширувањето на ЕУ и перспективите кои се нудат за младите во регионот беа во фокусот на дискусијата на денешната сесија „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ на Преспа форумот за дијалог на која говореа претседателите на Македонија, Хрватска, Албанија и Црна Гора.

Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето истакна дека војната во Украина го врати фокусот на геополитиката па геополитичкиот начин на размислување стана доминантен во Европската Унија по однос на прашањето на проширувањето.

– Ако војната во Украина е поводот Европската Унија да го врати интересот за проширувањето кон регионот на Западен Балкан, тогаш многу природно се наметнува прашањето – што ќе се случи кога војната во Украина ќе заврши? Дали ќе се вратиме на вообичаеното, што значи помалку внимание за Западниот Балкан како регион и тоа не само во однос на проширувањето? Не би сакал војната да биде поттик за нешто позитивно што би требало да се случува – рече Пендаровски.

Според него, пристапниот процес кон ЕУ води до демократски развој, а без надзорот од ЕУ може да дојде до уназадување. Но, додаде тој, долгото чекање за ЕУ членство води и до барање на нови алтернативи и пад на поддршката за членството во ЕУ.

– Без пристапниот процес се јавува повеќе простор за малигни влијанија поради фактот што земјата-кандидат не е дел од заедничките механизми за размена на информации и управување со кризи – изјави Пендаровски.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, пак, во своето обраќање истакна дека НАТО и ЕУ како меѓународни организации кои се основани на споделени вредности потребно е да покажат солидарност со регионот. Тој додаде дека демократски и просперитетен Западен Балкан е можен доколку регионот целосно стане дел од ЕУ и во таа насока истакна дека местото на Западниот Балкан е во Унијата.

Според албанскиот претседател Бајрам Бегај, конфликтите на Балканот може да бидат и нашите научени лекции, а регионот има да понуди многу и има подадена рака кон соседите и сојузниците.

– Регионот по турбулентните периоди, сега има напредок кон интеграција во ЕУ – рече Бегај и потсети дека лани за првпат се одржа европски самит во Тирана.

Тој уште кажа дека регионот има предизвици на кои треба да работи затоа што демократијата не е постојана и може да има промени од демократски во автократски општества.

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во своето обраќање истакна дека процесот на пристапување кон ЕУ покрај техничката компонента, потребно е да има и повеќе политички фокус, а во таа насока ја спомна и неодамнешната одлука поврзана со визната либерализација на Косово. Тој додаде дека Црна Гора во идниот период може да биде успешна приказна за проширувањето на ЕУ и да се покаже како вистински пример, а не само рефлексија на дебатите и дека иднината на регионот е во ЕУ и дека треба да се искористат сегашните околности за да се оствари таа цел.

И младинската претставничка Зорана Антовска кажа дека Балканот има историја на автократско владеење и воени тензии и дека животот во општества каде има насилство и репресија остава трауми и лузни што може да влијаат на вредностите и перспективите на младите луѓе.

Таа истакна дека не треба да се очекува западните партнери да ги решат сите внатрешни проблеми, и со оглед на тоа дека регионот цели кон европска интеграција потребно е фокусирање на регионалната стабилност и на примена на европските вредности. Таа дополни дека е потребен и повеќе младински ангажман, затоа што некогаш и кај младите отсуствува политичка волја за борба против корупцијата.

Најголемата закана за регионот на Западен Балкан останува иселувањето на младите и дека доколку трендовите продолжат значително ќе се намали и бројот на лица кои ќе можат да ги промовираат демократските вредности и да ги водат државните институции со демократски, европски дух.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот