
Премиерот притиска, но судиите не попуштаат- Мицкоски тешко се справува со „полноглавците“
И тетовските судии и членовите на Судскиот совет застанаа во одбрана на својот колега, кој досуди двегодишна затворска казна за возачот што смртно ја прегази 23-годишната Теодора Ристовска во Тетово, затоа што законите и текот на судската постапка не предвидуваат построга казна
Мочуриште, така го нарече Судскиот совет премиерот Христијан Мицкоски. Тој е подготвен и на евентуални критики од, како што ги нарече, „полноглавците“, откако јавно побара Судскиот совет да го разгледа случајот и јавно го критикуваше судијата кој одреди двегодишна затворска казна за возачот што смртно ја прегази 23-годишната Теодора Ристовска во Тетово.
Препорачано
По повикот од семејството на Теодора и од премиерот, Судскиот совет ја објави целата хронологија на судскиот предмет и заклучи дека судијата, според Законот за кривична постапка, не смеел да досуди повисока затворска казна. Со факти и хронологија му се спротивстави на премиерот дека судијата Ељмедин Ферати на возачот Менсур Пајазити не можел да му досуди повисока затворска казна.
– Ова не е правда и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци што ќе ме критикуваат по ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда… Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме докрај – ветуваше премиерот.
Мицкоски не бира зборови кога станува збор за правосудството. Повторно со популистички наратив, сличен на оној со дијарејата, ги „решава“ проблемите во оваа сфера, вршејќи притисок врз правосудството додека, во исто време, тапка во место можеби една од клучните постапки во процесот на реформи во оваа сфера, што е дел и од барањата и на меѓународната заедница, а тоа е – промена на Кривичниот законик.
Тапкање во место
До каде е постапката за измени на Кривичниот законик, ја прашавме Владата.
„Во рамките на Министерството за правда е подготвена работна верзија на нов Предлог на Кривичниот законик. Во тек се работни средби со сите засегнати страни и процесот на изработка е во тек. Како Влада остануваме со силен фокус на реформите во правосудството, нашата цел е да се креираат решенија кои се одржливи и направени преку инклузивен процес. Владата останува посветена на усогласување на Кривичниот законик со европските и меѓународните стандарди“, одговорија од Владата.
Посветеноста, еве, трае девет месеци, а од измените на Кривичниот законик зависат многу нешта, па и пресудите за тешките сообраќајки кои ја брануваат јавноста во последно време. Токму во казнената политика врамена во законска рамка од Собранието, и претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски ја гледа причината за висината на казната за возачот што смртно ја прегази 23-годишната Теодора Ристовска во Тетово.
Камбовски, во гостување на дебата на Телевизија 24, порача дека Советот нема да дозволи неосновано да се бара вина во судиите и судовите за тој и за други случаи. Политичките изјави не сакаше да ги коментира и забележа дека во зависност од тоа која политичка партија е на власт, членовите од Судскиот совет се квалификуваат дека се од спротивната страна, додека политичките партии на нивен грб водат политички кампањи.
– Ние ги изнесовме фактите кои намерно или ненамерно беа пропуштени и се направи една хајка кон судијата – дека дал преблага казна, но никој не сподели со јавноста и не ѝ објасни на јавноста дека, всушност, таа беше единствената казна која тој можеше да ја изрече во овој случај, имајќи ја предвид законската одредба од Законот за кривична постапка која забранува да се смени одредена одлука на полошо спрема обвинетиот. Таа одредба кажува и дека кога жалба има изјавено само обвинетиот, секоја понатамошна одлука не може да биде на негова штета, односно може да биде истата или поблага од таа што била. Тоа никој не го кажа и не го презентира и ми е жал што полномошникот на оштетените и на семејствата не објаснил навреме да немаат очекувања од оваа постапка – изјави Камбовски.
Тој порача дека Законот има свои граници и определил колку ќе биде казната, а тоа не е одлука на Судскиот совет, туку тој закон го изгласал Собранието.
– Ајде да работиме да го промениме тој закон, нека се направат суштински реформи во Кривичниот законик, нека се дадат построги казни. А да бараме некои ад хок, итни решенија и да бараме некој да се разреши само затоа што го почитувал законот, за мене тоа нема да донесе никаков ефект, ниту долгорочно решение затоа што во иднина ќе ги имаме истите проблеми – рече Камбовски.
Иако секогаш се вперува прстот кон судиите, според Камбовски, кога се зборува за судство, тука е и Јавното обвинителство, полицијата, нотарите, извршителите и сите тие чинители имаат некоја улога во тој процес.
Тој се согласува и седниците на кои се утврдува одговорност за судиите да бидат јавни и да се направат измени во законите во тој дел, затоа што тој не може да ја оправда колективната одлука на 13-те членови на ова тело да го казнат, на пример, судијата Пајазит Пајазити на само 30 отсто намалување на платата. Пајазити од екстрадициски затворски притвор го пушти во куќен притвор поранешниот припадник на ОВК, Рамадан Рамадани, кој потоа избега.
И тетовските судии застанаа во одбрана на колегата Ељмедин Ферати, кој одреди двегодишен затвор за возачот што ја пешачки премин ја усмрти младата Теодора. Тие, слично како и Судскиот совет, објаснија дека доколку и Обвинителството сега поднесе жалба на втората пресуда при повтореното судење, казната нема смее да биде повисока, затоа што Врховниот суд ги укинал претходните две пресуди, и судијата не смее да казнува построго, на штета на обвинетиот, затоа што обвинителот не се жалел во првата постапка.
„Според член 428 од ЗКП, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“, заклучи и Судскиот совет.
Судската голгота за случајот со Ристовска трае од 2023 година, кога првостепениот суд во Тетово на возачот Пајазити му пресудил три години и шест месеци затвор, а максималната казна за делото за кое го товари е пет години затвор. Пајазити се жалел на пресудата на Апелацискиот суд во Гостивар. Од јавно објавената пресуда на Апелација, вишата јавна обвинителка Вјолца Елмази прво барала неговата жалба да биде одбиена, но потоа на јавна седница побарала да му биде досудена пониска затворска казна.
Апелација ги прифатила олеснителните околности и му ја намалила казната на две години затвор. Осудениот се жалел и до Врховен суд, кој го вратил предметот на повторно судење, а видел нејаснотии во постапувањето на Основниот суд во Тетово во признанието вина на Пајазити, кој прво пред судот рекол дека е невин, а потоа најавил дека ќе признае вина. Всушност, највисокиот суд забележува дека тетовскиот суд ја продолжил главната расправа и во доказна постапка ги изведувал само доказите предложени од
Обвинителството, а не и доказите предложени од одбраната, бидејќи прифатил дека е повлечена предложената листа на докази.
Сега топката за овој случај се префрла на Обвинителството, односно на обвинителката Вјолца Елмази, која пред Апелација поднела жалба на пресудата, но на јавна седница се премислила, а се спореше и зошто од почетокот на случајот, Обвинителството дало таква квалификација која предвидува казна затвор до пет години.
Немало умисла, велат од Обвинителството
Од Обвинителството за „Слободен печат“ велат дека во конкретниот случај, сите докази во предметот, наведени во кривичната пријава од Министерството за внатрешни работи, како и дополнително извршеното вештачење по наредба на јавен обвинител, упатуваат дека сообраќајната несреќа со смртни последици се случила од небрежност, а не со евентуална умисла.
– Јавното обвинителство при поднесување на обвинение мора да се води од доказите со кои располага. Дека конкретната правна квалификација е неспорна, укажува и фактот што за истата е изречена осудителна пресуда од Основниот суд во Тетово со казна затвор од 3,5 години. Апелацискиот суд, кој исто така постапувал во предметот, ја намалил санкцијата, но во ниту еден момент не ја оспорил правната квалификација. Во крајна линија, и Врховниот суд во својата одлука ги укинал претходните пресуди поради повреди во судската постапка, а не поради правната квалификација – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.
Оттаму порачуваат дека одмерувањето на казната е во надлежност на судот, а не на Обвинителството. За спорниот предлог на обвинителката објаснуваат дека тој предлог не се однесувал на намалување на казната за речиси половина од првостепената пресуда, како што досудила Апелација.
– Пред Апелацискиот суд, јавната обвинителка од ВЈО Гостивар на рочиште дала свој предлог во однос на попрецизно одмерување на казната, имајќи ја предвид, пред сè, околноста дека обвинетиот, непосредно пред завршување на првостепената постапка, признал вина, како и претходната практика во слични предмети. Меѓутоа, предлогот на обвинителката не е задолжителен за тричлениот совет од судии во Апелацискиот суд – додаваат од Обвинителството за „Слободен печат“.
Сепак, републичкиот јавен обвинител веќе дал насоки и ќе го прибави предметот од Вишото јавно обвинителство Гостивар за да го разгледа во детали текот на постапката.
Основното јавно обвинителство Тетово уште не го примило писменото образложение на донесената пресуда во повтореното судење во прв степен за да може да донесе одлука по однос на евентуална жалба.
Најверојатно, под притисок на јавноста жалба ќе биде поднесена, но таа нема да ја смени двегодишната казна за младата Теодора.