
Премиерот на Непал поднесе оставка откако демонстрантите му ја запалија куќата
Премиерот на Непал, КП Шарма Оли, денес поднесе оставка откако демонстрантите на протестите што избувнаа поради блокирањето на социјалните мрежи, кое беше укинато рано утрово, му ја запалија куќата, јавува Би-Би-Си, повикувајќи се на соопштение од кабинетот на премиерот.
Препорачано
Полицијата употреби солзавец за да ја растера протестната толпа, објави Хималаја њуз, и иако властите соопштија дека на безбедносните сили им е наложено да се воздржат од напади и дека не е дозволена боева муниција, имаше извештаи за повреди од огнено оружје и куршуми.
Во голем број градови, вклучувајќи го и главниот град Катманду, беше воведен полициски час, а училиштата и меѓународниот аеродром беа затворени.
На протестите, демонстрантите, меѓу другото, ги запалија куќите на министерот за внатрешни работи, Рамеш Лехака, лидерот на Комунистичката партија на Непал, Пушпа Камал Дахала, како и приватно училиште во сопственост на министерот за надворешни работи, Арза Деуба Рана, јавува АП.
Масовен насилен протест и напад врз парламентот започнаа вчера како знак на спротивставување на забраната на платформите на социјалните медиуми, но тие беа поттикнати од растечкото незадоволство од политичките партии, кои многу граѓани ги обвинуваат за корупција.

Вчера, најмалку 14 лица беа убиени во насилни протести во Непал, а повеќе од десетина лица беа повредени.
Непалската влада на 4 септември соопшти дека ги блокирала повеќето платформи на социјалните медиуми, вклучувајќи ги Фејсбук, Х и Јутјуб, бидејќи компаниите не ги почитувале прописите што бараат од нив да се регистрираат кај владата.
Законот, кој не успеа да помине во парламентот на Непал, беше широко критикуван како алатка за цензурирање и казнување на противниците кои ги изразуваат своите ставови преку интернет.