Илустративна фотографија за жена под стрес / Фото: Pexels

Прекувремената работа ја менува структурата на мозокот: Потребно е долго време за да се поправат последиците

Прекумерниот број работни часови и прекувремената работа доведуваат до значителни промени во структурата на мозокот, што е резултат на комбинација од физичко и емоционално преоптоварување, покажа јужнокорејска студија.

Истражувањето на научници од Универзитетот Чунг-Анг и Универзитетот Џонсеи вклучувала 110 здравствени работници поделени во две групи.

Едната група вклучувала оние кои работеле најмалку 52 часа секоја недела, додека другата група вклучувала вработени кои работеле стандардно работно време, пишува Си-ен-ен.

Кај луѓето кои работеле прекувремено, имало значајни промени во регионите на мозокот кои ги регулираат когнитивните и емоционалните функции, што е последица на нивното преоптоварување и замор, заклучиле истражувачите.

Коавтор на студијата, професорот Јун Џул Чои, рекол дека овие промени можат да се поправат, барем делумно, ако се отстранат стресните фактори. Сепак, тој додаде дека на мозокот му е потребно многу повеќе време за да се врати во првобитната состојба.

Претходна студија од 2021 година, исто така, покажа дека прекувремената работа остава негативни здравствени последици, според Си-ен-ен.

Френк Пега, кој го водеше тоа истражување, истакнува дека најновите резултати претставуваат значајни нови докази што би можеле да помогнат подобро да се разбере како прекувремената работа драстично влијае на физичкото здравје на вработените.

– Владите, работодавачите и самите вработени можат заедно да преземат мерки за заштита на здравјето на работниците – рекол Пега.

Авторите на најновата јужнокорејска студија истакнаа дека резултатите од нивното истражување укажуваат на важноста од решавање на проблемот со прекувремената работа, што е причина за загриженост.

– Станува збор за мала студија, но бидејќи се базира на сеопфатни невролошки мерења и се однесува на фундаменталните механизми на преоптоварување и замор, може да биде валидна за секого, па затоа нејзините централни заклучоци се многу релевантни – заклучиле научниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот