Христијан Мицкоски и Гордана Сиљановска-Давкова Фото: Фејсбук

Прекршена неформалната ротација за ГС на ОН: Сиљановска-Давкова пак ќе оди во Њујорк, Мицкоски се откажа од редот

И оваа година, по консултација со Владата и со Министерството за надворешни работи, заеднички оценивме дека најсоодветно е повторно, јас, како претседател на државата, да ја предводам делегацијата – изјави Сиљановска- Давкова за „Слободен печат“.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова годинава по вторпат едно по друго ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации, годинава 80-то, иако според практиката, секоја година ротираат претседателот на државата и премиерот.

Минатата година на Генералното собрание учествуваше Сиљановска-Давкова, па според неформалниот распоред, годинава во Њујорк требаше да отпатува премиерот Христијан Мицкоски.

Според неофицијалните информации, премиерот Мицкоски наводно се откажал од учество на Генералното собрание поради презафатеност со локалните избори, но од Владата не одговорија на прашањето од „Слободен печат“ зошто не се испочитувала неформалната ротација.

Одговор добивме од претседателката Сиљановска-Давкова. Според неа, „присуството на Генералното собрание на ООН е момент кога државата ја претставуваме на највисоко ниво, независно дали е тоа претседателот на државата или премиерот“.

– Минатата година кога Република С Македонија се наоѓаше во чувствителниот момент на преговори и отворените прашања битни за иднината на Македонија и граѓаните, како претседателка со гордост ја пренесов позицијата на нашата држава, истовремено осврнувајќи се на кревкоста во примената на меѓународното право и потребата од суштински реформи, пред сè во интерес на гласот на малите земји. И оваа година, по консултација со Владата и со Министерството за надворешни работи, заеднички оценивме дека најсоодветно е повторно, јас, како претседател на државата, да ја предводам делегацијата – изјави Сиљановска-Давкова за „Слободен печат“.

Таа објаснува дека не е прашање на формално ротирање, туку на процена на моментот и на тоа кој е целисходно да ја претставува државата во даден контекст.

– Она што е важно да се потенцира дека Република С Македонија зборува со еден глас, како и дека и јас, како претседател на државата, и премиерот сме координирани и работиме во интерес на земјата и сите наши граѓани – додава Сиљановска-Давкова.

Ротирањето на претседателот и премиерот на Генералното собрани на ОН во Њујорк не е формално, но воспоставен е принцип, односно практика што досега секогаш функционирала.

Во мандатот на претходниот претседател Стево Пендаровски, на пример, во 2019 година на ГС на ОН учествуваше премиерот, наредната 2020 поради ковид-пандемијата претседателот имаше видео-обраќање, во 2021 година во Њујорк беше претседателот, во 2022 премиерот, а во 2023 година претседателот.

Наредната 2024 година на ред беше да оди тогаш новиот премиер Христијан Мицкоски, но и лани тој се откажа, па на ГС учествуваше претседателката. Инаку, во делегацијата што учествува на ГС редовно е и министерот за надворешни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот