
Прекин на електричната енергија во Њу Делхи, како дел од вежба за подготвеност
Делови од Њу Делхи на 15 минути останаа без струја, како дел од вежба за тестирање на подготвеноста за вонредни ситуации како што се воздушни напади, по зголемените тензии меѓу Индија и Пакистан.
Препорачано
Струјата беше прекината на 55 локации низ индискиот главен град, вклучително и околу Парламентот, каде што се огласија сирени за воздушен напад, а жителите беа обучени за протоколи за евакуација и операции за пребарување и спасување, објави „Тајмс оф Индија“.
На улиците беа распоредени 7.000 волонтери од Цивилната заштита, како и општинска и сообраќајна полиција, пожарникари и амбулантни возила.
Министерството за внатрешни работи на Индија во понеделник вечерта побара од неколку индиски држави да спроведат пробни вежби, поради зголемените тензии со Пакистан по нападот на 22 април во Пахалгам, каде што беа убиени 26 индиски туристи.

Индија синоќа соопшти дека извршила ракетни напади врз девет локации во Пакистан и делови од Кашмир контролиран од Пакистан, тврдејќи дека се убиени 70 терористи.
Портпаролот на пакистанската војска, Ахмед Шариф Чаудри, денеска потврди дека бројот на жртви во индиските ракетни напади врз шест локации во Пакистан се искачи на 26 и дека 46 лица се повредени во нападите.
Според него, 13 лица се убиени во округот Бахавалпур, меѓу кои две тригодишни девојчиња, седум жени и четворица мажи.
Тензиите меѓу двете нуклеарно вооружени земји се зголемија по смртоносниот милитантен напад врз индиски туристи во Пахалгам во април.
Индија тврди дека постојат докази што укажуваат на јасна вмешаност на терористи со седиште во Пакистан во нападот, додека Пакистан негира каква било поврзаност.