
Предрасудите се надминуваат, мажите не се срамат да проверат простата
Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје организираше бесплатни ехо-прегледи за заинтересираните граѓани по повод месецот на машкото здравје
Секој ноември, месецот посветен на машкото здравје, Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје организира бесплатни ехо-прегледи за заинтересираните граѓани. Интересот расте од година во година, што покажува дека сè повеќе мажи ги надминуваат предрасудите и ја проверуваат простатата. Прегледот, покрај ехо-дијагностиката, опфаќа и советодавна средба со специјалист-уролог кој го надополнува стручниот тим на болницата, составен од интернистите – примариус доктор Марика Ивановска, доктор Марија Сековска, доктор Лидија Ветеровска-Миљковиќ и доктор Лидија Павловска-Лазовска.
Препорачано

И покрај деноноќното несебично бдеење над хоспитализираните болни, тие оваа дополнителна услуга за здравствените осигуреници ја организираа изминатиот викенд со цел да се овозможи прегледот да биде извршен додека пациентите не се на работното место, жртвувајќи притоа и дел од своето слободно време. Примариус доктор Марика Ивановска, специјалистка по интерна медицина врши ехо-дијагностика на уринарниот систем.
– Во нашата установа веќе трета година по ред правиме скрининг ехо-прегледи, дополнети и консултации со уролог. Многу сум задоволна што сè поголем број мажи се решаваат да ја проверат простатата. Предрасудите се надминати и се обидуваме и ние интернистите, особено уролозите, да им објасниме дека за секоја промена на простатата не треба да се крева паника. Се трудиме тоа да им го пренесеме на едноставен начин за да можат да го разберат – вели прим.др. Ивановска.
Изненадувачки, вели таа, уште на почетокот имало голем интерес. Доктор Ивановска и нејзината колешка доктор Марија Сековска вршат ехо-прегледи, а секоја година во нивната установа доаѓа и специјалист-уролог за да поразговара со пациентите.
– Тој ги советува пациентите од свој аспект, во поинаков амбиент, со цел во поопуштена атмосфера да им објасни дека не мора да значи дека евентуалните промени на простатата по правило се и опасни – објаснува д-р Ивановска.
Добро е што мажите стануваат свесни за своето здравје и се прегледуваат. По 45-тата година од животот, секој маж би требало да се провери, исто како што жените одат на гинеколог, вели докторката.

– Тоа не значи дека при прегледот задолжително ќе се најде некоја патолошка промена, но пожелно е да се види, без разлика дали се појавиле некакви симптоми или не. Симптомите можат да се препознаат ако е потешко или болно мокрењето, ако почесто се станува ноќе заради мокрење, но и тоа не мора да значи дека има некаков проблем. Тоа може да е поврзано и со поголем внес на храна, на течности… Не треба ниту да се гугла на интернет и граѓаните сами да се лечат, туку треба да се консултира уролог – советува д-р Ивановска.
Промената која најчесто се појавува над оваа возраст е зголемена простата, но и тогаш не треба да се паничи, додава интернистката.
– Треба да се испитаат тумор маркери за простата, т.н. ПСА, потоа уринарниот статус, па да се направи ехо-преглед. Ги советуваме пациентите малку да го подигнат нивото на хигиено-диететскиот режим, и со еден модифициран начин на исхрана, на живеење воопшто, што значи умереност во сè, повеќе пешачење, здрава исхрана, болеста да се држи под контрола – вели др. Ивановска.
Ноември е прекрстен во Моември поради кампањата за подигање на свеста кај мажите за превенција и рано откривање на машките болести, без разлика дали станува збор за малигни или бенигни заболувања на простата, кои го намалуваат квалитетот на животот.
На глобално ниво, секоја година сè повеќе мажи се под ризик од сериозни здравствени последици поради недоволна информираност за болестите. Кампањата е со цел да се поттикнат мажите почесто да посетуваат лекар и да имаат редовни превентивни прегледи кои можат да помогнат во рано дијагностицирање на болестите, а со тоа и овозможување на навремен третман.