
Предложен притвор за Марјан Доказ: Обвинителството ги охрабрува и другите жртви да го пријават
Јавниот обвинител од ОЈО Скопје до судија на претходна постапка достави предлог за притвор за Марјан Стаменковски, сопственик на порталот Доказ.мк.
Препорачано
-Притворот е предложен зашто осомничениот сторил повеќе кривични дела од позиција сопственик на порталот преку кој искористувајќи познанства и релации со различен профил на лица преземал противправни дејства во континуитет, што укажува дека ќе продолжи тоа да го прави ако не биде во притвор. Знаејќи дека неговиот сајт Доказ е достапен на неограничен круг на лица, Стаменковски го користел и злоупотребувал порталот како средство за ефективен притисок врз жртвите притоа предизвикувајќи лавина општествени последици со несогледива штета во форма на религиска сомраза и ксенофобични идеи. Во таа насока ОЈО предлага да се заштитат жртвите кои биле подложени на говор на омраза и закани преку компјутерски систем преку Доказ.мк, соопшти ОЈО.
Освен тоа, постојат околности дека Стаменковски може да избега па и тоа е причина за определувањето на притворот. Со оглед на широкиот круг на потенцијални жртви од активноста на веб порталот на осомничениот во подолг временски период ОЈО ги охрабрува и другите оштетени да пријават.