
„Предаторите“ сега користат и вештачка интелигенција – пазете ги децата онлајн, алармира хрватски експерт
Злоупотребата и злоставувањето на децата преку интернет постојано се зголемува, предупредува Томислав Рамљак, раководител на хрватскиот Центар за побезбеден интернет и постојан судски експерт за заштита на децата на интернет. Во интервју за ХРТ, тој истакна дека превенцијата е клучна, а сè започнува – од дома.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Најдобрата превенција е секојдневен разговор меѓу родителите и децата за дигиталниот свет. Родителите треба активно да учествуваат во дигиталното воспитување на децата, постепено да ги запознаваат со технологијата и да учат како безбедно да ја користат“, вели Рамљак.
Некои земји се одлучија за строги мерки за ограничување на употребата на социјалните мрежи. Рамљак го поддржува таквиот пристап.
„Мислам дека мерките се неопходни. Децата на возраст од седум, осум или девет години не треба да користат социјални мрежи, особено не секој ден и со часови“, вели тој.
Со развојот на технологијата и вештачката интелигенција, се појавуваат нови форми на дигитално насилство. Рамљак особено предупредува за апликациите што овозможуваат манипулација со фотографиите на децата.
„Вештачката интелигенција направи поместување во негативна насока“, нагласува тој.
„Денес постојат апликации што отстрануваат облека од сликите на децата. Овие слики подоцна се користат за уцена. Проблемот е што ваквите апликации се лесно достапни и децата ги користат меѓу себе како форма на врсничко насилство“, вели експертот.
Исто така, „предаторите“ сè повеќе користат вештачка интелигенција за регрутирање деца – не едно или две, туку стотици одеднаш.
Многумина сè уште ја потценуваат сериозноста на дигиталното насилство. Рамљак предупредува на последиците.
„Онлајн насилството остава сериозни последици врз менталното здравје на децата. Ако станува збор за експлицитни фотографии, процесот на закрепнување може да биде исклучително долг и болен. Децата знаат дека овие слики сè уште се на интернет, дека циркулираат во различни групи. Ова го отежнува уште повеќе излегувањето од улогата на жртва“, објаснува тој.
Иако сè започнува во семејството, образовните институции имаат клучна улога во едукацијата на децата за безбедно користење на интернетот, порачува Рамљак.
„Училиштата мора да ги научат децата како критички да размислуваат, да развиваат емпатија и безбедно да ја користат технологијата. Не смееме да им дозволиме сами да се движат низ дигиталната џунгла. Треба да им помогнеме безбедно, одговорно и корисно да го користат интернетот“, заклучува тој и додава дека сите возрасни мора да работат на ова.