
Празникот Илинден за Општина Тетово како да не постои, таа со години го игнорира
И оваа година организатор на прославата за празникот Илинден кој секоја година скромно се организира пред Споменикот на револуцијата во центарот на Тетово е Сојузот на борци Тетово.
Препорачано
Годишнината од Илинденското востание ќе се прослави со пригоден говор, куса културно-уметничка програма и положување на букети цвеќиња пред споменикот.
Од Сојузот на борци Тетово, велат дека општината не организира прослави по повод државните празници, а ретко испраќа и свои делегации на чествувањата на празниците кои ги организира боречката организација.
„Историјата не треба да се заборави, треба да се негува оти преку неа се гради и се создава државата. Тука во Тетово, општинските власти не се заинтересирани за прослава на значајни историски настани, односно државни празници. Многу ретко ќе се потруди општината да испрати свои делегации за полагање на цвеќе, но тоа е ретко, а свои делегации испраќа на неколку државни празници, но на денови од антифашистичката војна немаме општински делегации“, вели Јоцко Димитриевски претседател на Сојузот на борци Тетово.

Од боречката организација, велат дека нема да се откажат од улогата на организатор на државните празници иако е тоа обврска и должност на општината од која не добиваат и никаква финансиска или било каква друга помош.
“Немаме ниту финасиска помош за разлика од другите општини низ државата, ако ништо друго општината им излегува во пресрет за превоз да посетат некое историско место. Ние од општината тоа го немаме иако ЗЕЛС има одлука општините да го помагаат Сојузот на борци, сепак се работи за државотворна организација која негува вредности. Инаку утре ќе ни дојде почесен вод од армијата, поканети се политички партии, здруженија и слично“, вели Димитриевски.
Граѓаните велат дека освен кусата и скромна прослава пред Споменикот на револуцијата, само неколкуте знамиња поставени низ центарот на Тетово ќе сведочат дека утре е државен празник. Дел од граѓаните пак ниту знаат дека утре е државен празник
„Јас дома со семејството ќе го прославам празникот оти во градот нема некои поголеми манифестации по повод Илинден, како што има во другите градови“, вели една жителка на Тетово.
„Не знам утре кој празник е јас сум печалбар дојден сум тука во Македонија на одмор“, вели жител кој е роден во тетовско Камењане, а живее и работи во Канада.
Општинските власти ниту ги оддржуваат спомениците кои останаа во градот, нити пак од нивна страна има некакви најави за враќање на спомен бистите на двата народни херои од НОБ Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Циповски-Мерџан остратени од градскиот плоштад во 2006 година поради негова реконструкција.