Клуб на пратенички Фото: Фејсбук

Пратеничките се искараа пред 8 Март

„Слободен печат“ дојде до текстот на реакцијата зад која требаше да застане Клубот на пратенички. Пратеничките се искарале дури и за исплакнати формулации во текстот во кој не е спомнато ниту кој навредил, ниту кому треба да се извини, а требаше да се обединат против навредата на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска кон Слајванка Петровска

Како Клубот на пратенички ќе ги унапредува правата на жените и на политичарките кога ни сами не смогнаа сила да се заштитат од навреда и дискриминација упатени од извршната власт, е дилемата откако пропадна обидот за заедничка реакција за осуда на секаква форма на дискриминација врз жената и говор на омраза против жените во политиката. Наместо реакција за навредите кај пратеничките надвладеа партискиот интерес.

Министерката за финански Гордана Димитриоска-Кочоска, пак, остана на ставот дека нема да се извини зашто не ја навредила пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, велејќи дека нема право да зборува за потрошувачката кошничка и за мајки и семејства, за разлика од неа која е мажена, има семејство и родила два сина. Петровска веќе поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, а Клубот на пратенички откако се договорил да излезе со заеднички заклучок против навреди и дискримимнација, пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ се пишманиле и реакцијата пропадна.

Клуб на пратенички Фото: Фејсбук

„Слободен печат“ дојде до текстот на реакцијата зад која требаше да застане Клубот на пратенички. Пратеничките се искарале дури и за исплакнати формулации во текстот во кој не е спомнато ниту кој навредил, ниту кому треба да се извини. Расправата во Клубот на пратенички на крај се свела на тоа кој прв почна, односно дека и во претходните мандати пратенички биле навредувани и за тоа немало ракција.

Пратеникот мора да се почитува

Текстот требаше да гласи дека „Клубот на пратенички осудува секаква форма на дискриминација врз жената и говор на омраза против жените во политиката“.

– Повикуваме на достоинствено и разумно однесување во Собранието на Република Северна Македонија, без провокации, лични навреди, вмешување на семејства и деца и импулсивно однесување од претставниците на политичките партии. Позицијата на пратеник мора да се почитува! Сакаме да гледаме повеќе жени во политиката особено во време кога се уште се соочуваме со предизвици поврзани со улогата на жената во општеството. Затоа како жени пратенички повикуваме заедно да креираме здрава политичка култура во која со достоинство и почит ќе се однесуваме кон жените во политиката – се вели во заклучокот кој наместо единство предизвика раскол во Клубот на пратенички.

За кавгата и разногласието во Клубот на пратенички обелодени пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ.

Јована Тренчевска СДСм Фото: Принтскрин

– Наместо извинување од Кочоска, покајние и оставка од морални причини, граѓаните добија дополнително омаловажување и дискриминација. Клубот на пратенички кој постои како механизам да го заштити дигнитетот на пратеничките во Собранието, да се бори против говорот на омраза кон жените во политиката и да повикува на почитување кон жените пратенички, стана заштитник на политичарки кои дискриминират и омаловажуват жени пратенички – вели Тренчевска.

Таа открива дека постигнале договор кој произлегол од дискусиите и со консензус на сите присутни требало да се објави реакција со која ќе се осуди секоја форма на дискриминација врз жената и секое навредливо, недостоинствено и неразумно однесување со кое се омаловажуват жените во политиката од собраниската говорница.

– Но пратеничките од  ВМРО-ДПМНЕ само по неколку часа од седницата се предомислија и ја повлекоа согласноста за објава на реакцијата. Кој им се јави и кој ги предомисли треба ти е да кажат? Наместо да се заштитат жените во политиката, пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ решија со тоа што ќе го премолчат однесувањето на Кочоска да испратат порака до јавноста дека ја поддржуваат. Ваквото лицемерно однесување оди на штета на женските права – вели Тренчевска.

Таа го доведува во прашање постоењето на Клубот на пратенички и на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Според Тренчевска со таквото однесување се испраќа порака дека женската солидарност е мисловна именка во нашето општество и дека во пресрет на 8 Март се испраќа порака дека залудни биле вековните борби на нашите претходнички за еднаквост на жените и за почитување на нивните права.

Единствен став на жените

Пратеничката Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ ѝ забележа на Тренчевска дека го сквернави денот (8 Март) на кој треба сите да се сплотени и единствени, а борбата за подобрување на положбата на жените да им биде врвен приоритет. Таа не негира дека ја откажале поддршката за реакцијата, туку дека Тренчевска го обелоденила тоа во јавноста.

Жаклина Пешевска Фото: Фејсбук Пешевска

– Клубот на пратенички постои за сите да имаме усогласен и единствен став по однос на прашањата што ги засегаат жените. Ако се постигне консензус, тоа е најдобро, но кога не постои консензус, она што се случува во Клубот, треба да остане во Клубот, а не да се изнесува на прес-конференции и притоа да се зачини со безброј лаги и измислици, произволни толкувања и обиди за дефокусирање на јaвноста од битните случувања во државата. Ваков наратив не ни е потребен, посебно деновиве кога треба да ги славиме достигнувањата и предизвиците за подобрување на положбата на жените, општеството и државата. На мојата колешка Тренчевска ќе ѝ порачам дека секаков обид за дефокусирање на јавноста нема да им успее. Борбата за подобрување на статусот на жените во политиката подразбира искрени намери и чесни одлуки, но пред сè меѓусебна доверба и почит – вели Пешевска.

За навредата на министерката кон пратеничката имаше бројни реакции и од невладини организации. Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова рече дека:

 

„Не е лошо човек да се извини, не е лошо човек да рече дека можеби перцепцијата не е таква каква што требало да биде, намерата не била лоша намера, тоа мислам дека ќе доведе до надминување на ваквите проблеми“.

Таа додаде дека во Собранието треба да се мерат зборовите. И пратениците и пратеничките, според Сиљановска, мора да бидат одмерени и да внимаваат на зборовите во парламентот. Особено, како што рече, жените треба да внимаваат кога е во прашање друга жена.

Пратеничката Петровска во претставката против министерката вели дека ја поднела затоа што врз неа била извршена дискриминација по основ на нејзината брачна и семејна состојба. Дека на седницата за пратенички прашања поставила три прашања, меѓу кои и до министерката.

-Од министерката за финансии ми беше одговорено со понижување и беше извршена дискриминација по основ на брачен и семеен статус – напиша пратеничката.

Димитриеска-Кочоска: Би се извинила кога би погрешила

Министерката остана на ставот дека не ја навредила пратеничката Петровска. Таа повтори дека имало дефокус во однос на тоа што го кажала од говорницата.

Гордана Димитриеска-Кочоска Фото: Принтскрин

– Во однос на извинувањето мојот став го кажав – кога би погрешила би се извинила. Воопшто немало ниту тенденција, ниту намера, јас зборував за трошоците за живот и не би сакала понатаму да коментирам на таа тема, како што кажав тоа е затворено. Но би замолила граѓаните да бидат трпеливи да почекаат кој бил во право, а кој не бил времето ќе покаже и ќе биде јасно зошто се случуваат сите овие работи – рече Димитриеска- Кочоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот