Тоше Поп Симонов / Фото: Фејсбук/Тоше Поп Симонов

Познатите личности се простуваат од Тоше Поп Симонов: На ден пред Велигден, засекогаш замина човекот што ни ја подари „На Велигден“

На 19 април 2025 година, само еден ден пред големиот христијански празник Велигден, на 63-годишна возраст почина Тоше Поп Симонов, еден од најзначајните композитори, музичари и продуценти што ги познавала македонската сцена.

„Замина токму пред Велигден, како симболично да нè потсети на песната која ни ја остави за овој празник. ‘На Велигден’, снимена со Џина Папас Џокси во неговото студио, и понатаму ќе се слуша секоја пролет како химна на воскресението“, напишаа од Златна Бубамара на популарноста.

Во текот на повеќедецениската кариера, Поп Симонов остави длабока трага во музичката индустрија, соработувајќи со некои од најголемите имиња на македонската и регионалната сцена: Тоше Проески, Дарио Панковски, Џина Папас Џокси, групата „Фрајле“ и многу други.

Неговите пријатели, колеги и соработници се простуваат од него со емотивни пораки, споделувајќи спомени за човекот кој не само што беше врвен професионалец, туку и голем пријател.

„Денеска завршува еден огромен дел од македонската музичката историја. Почина Тоше Поп Симонов. Продуцент, композитор, текстописец, аранжер, гитарист, гениј, музички иноватор и магионичар.

Мојот драг другар Тоше, најинтелигентната и најдуховитата скопска личност што сум ја запознал во целиот мој живот. Харизма, шарм и душа широки колку цел универзум. Мајсторе, ја имав таа чест да те познавам и да се смеам со тебе, да снимаме бескрајни часови и ноќи во твоето студио, а создадовме толку многу песни, толку албуми. Твоите генијални текстови ‘Дупла вотка’ и ‘Дај да заспијам’ остануваат за сите генерации и за сите времиња.

Е па мајсторе, друже мој, со скршено срце и со една дупла во твое име, те оставам мирно да заспиеш и да заминеш во легендите. Нека ти е вечна, вечна слава“, напиша Дарио Панковски.

„Се разбудивме со тажна вест. И еве седум часа не можам да се соберам да напишам проштална реченица. Треба да бидам со ладна глава? Е ајде, биди…

Почина Тоше Поп Симонов. Автор на музика, аранжман, продуцент. Мојата соло кариера почна со Тоше на Макфест 1989, ‘Сојла’, ‘Изгубено богатство’ (1991), ‘Побарај ме со песна’ (1993, дует со Жаклина Стевковска), ‘Револт’ (2007)… Тоше е автор на аранжманот на велигденската химна ‘На Велигден’, прифатена од широките народни маси. Ете, таков беше Тоше, сè она за што ќе се нафатеше да сработи, завршуваше со хит, и не само тоа. Длабок наклон и со огромна почит пријателе, ти тоа го залужуваш.

Почивај во мир. Сочувство до фамилијата“, напиша Џина Папас – Џокси.

„Денеска на ден Велигден почина музичкиот великан од нашата генерација, Тоше Поп Симонов. Остави музика и човештина за на век. Нè задолжи сите кои соработувавме со него! Секогаш спремен да помогне, да се најде за сè нешто, токму во правиот момент, кога мислиш дека цел свет ти пропаднал! Тоше беше секогаш тука и невозможното го правеше возможно! Друже, ти благодарам за сè!

Последно се чувме пред некој ден и долго зборувавме за неговото здравје. Беше борец и познавач на невозможното кога беше медицината во прашање, поготово последниве неколку години, но срцето јуначко и големо како планина престана да чука денеска напладне. Немам сили да пишувам повеќе бидејки секој збор што ќе го напишам е премал за сè она што го направи за сите нас.

Почивај во мир мајсторе над мајсторите и горе меѓу звездите една беседа и песна и да им направиш, за да можат и тие горе да те слават, како ние тука на земјата!!!“, напиша Петар Георгиевски – Камиказа.

„Колку те молев да се видиме, колку те молев да седнеме на муабет како некогаш, да ти кажам, да ми кажеш, да се фалам да ме кудиш. Роден сум спроти твојата куќа, речиси те знам од дете, нескротлив борец за поарно од арно, речиси го знаев секој твој проект од зародиш, Те знам подобро од секој кој мисли дека те знаае, одобрував неодобривливи нешта, затоа што знаев дека можеш да ги направиш.

Кога здравјето ми одеше удолу твоите совети ме креваа, со мисла: ‘Тоше знае…’. Знаеше се, за други, ама недоволно и за себе. Не верував дека оваа болка нема да ја надминеш. Сега со оваа болна вистина сфаќам зошто не сакаше да се видиме, за да не ја видам твојата болка и немоќ да ја надминеш. Не верувам дека не беше свесен за состојбата, но како и се, се обидуваше да го свртиш на својствен начин…“, напиша Драган Б. Костиќ.

„Тоше Поп Симонов – вечна слава друже, господине, маестро! Твојата музичка интелигенција , философија и предаденост низ огромниот опус кој го оставаш , ке ја греат душата на Македонија! Не постои музичар, обичен, филмски, писмен, неписмен, ѕвезден, урбан, естраден, рокер, џезер да не поминал низ твоето студио, да не бил потпомогнат од твојата естетика во творештвото, да не јадел пиел и спиел покрај миксетата. Сите си ги ислушал, а надежите талентот и душите што ги оставале си ги претвораил во музичко богатство! Денес кога заминуваш оставаш длабока празнина во мојата душа! Воедно би сакал да го изразам разочарувањето што не беше препознаен и искористен од државните институции како силен и влијателен обединител-носител-столб на музичките и културни вредности! Почивај во мир!“, напиша Петар Ренџов.

Почина познатиот композитор и продуцент Тоше Поп Симонов, еден од творците на македонската поп сцена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот