
Познати се 16 града домаќини на Мундијалот во 2026 година кој засекогаш ќе промени фудбалот
Светската фудбалска федерација на свеченост која сео одржа во „Рокфелер“ центарот во Њујорк ги претстави 16 градови кои ќе бидат домаќини на Светското првенство 2026 година кое во многу работи ќе биде историско.
Препорачано
Мундијалот во 2026 година за прв пат ќе се одржи во три земји, САД, Канада и Мексико.
Исто така за прв пат на едно Светско првенство ќе настапат 48 репрезентации, дури 16 повеќе од тоа што ќе играат на Мундијалот во Катар (21 ноември – 18 декември). Поради зголемениот број на земји учесници на Мундијалите во иднина, се предвидува дека се почесто ќе има заеднички организации.
Светското првенство 2026 година ќе се игра во 11 града во САД, два во Канада и три во Мексико. Градови на кои ќе се игра Мундијалот за четири години се Атланта, Бостон, Далас, Канзас сити, Њујорк, Филаделфија, Сан Франциско, Сиетл (САД), Торонто и Ванкувер (Канада) како и Гвадалахара, Мексико сити и Монтереј (Мексико).
– Поминавме долг процес пред да ги избереме овие 16 градиви. Ова е историски ден за градовите домаќини, за трите фудбалски федерации, но и за ФИФА – изјави Џани Инфантино, претседател на Светската фудбалска федерација.
Во последниот филтер отпаднаа за домаќини отпаднаа американските градови Синсинати, Денвер, Нешвил, Орландо, Вашингтон како и канадскиот град Едмонтон.
– Бевме воодушевени од големата конкурентност на процесот на селекција. Благодарни сме не само на 16-те одбрани градови, туку и на другите шест со кои очекуваме да ја продолжиме соработката и да истражиме дополнителни можности за прием на навивачите и на репрезентациите – рече потпретседателот на ФИФА, Виктор Монталани.
Најголем дел од стадионите имаат капацитет поголем од 60.000 седишта, додека најмал е стадионот во Торонто кој моментно има капацитет од 30.000 седишта, но по реконструкцијата ќе има 45.000 седишта. Најголем стадион на кој ќе се играат натпревари од Мундијалот во 2026 година е „Ацтека“ во Мексико сити кој има капацитет од 87.523 седишта. Засега, сè уште не е одреден стадионот на кој ќе се игра финалниот натпревар.
– Сè уште треба да разговараме за ова прашање, да направиме анализа и ќе донесеме вистинска одлука кога ќе дојде време – смета Инфантино.
Претседателот на ФИФА најави дека ќе се земат предвид растојанија при групирање на градовите домаќини во групи, бидејќи некои градови се оддалечени повеќе од 4.000 километри.
– Во регион како Северна Америка, мора да го имаме тоа на ум, за да се погрижиме репрезентациите да играат во близина за навивачите да не мора да патуваат многу ,а истото се однесува и за репрезентациите – додава Инфантино.
Мексико досега бил домаќин на две Светски првенства (1970, 1986 година) додека САД еднаш во 1994 година, а за Канада ова ќе биде прва организација на еден Мундијал.
– Светското првенство во 2026 година ќе биде најголемо досега и не може да се споредува со претходното. Мислам дека земјите домаќини сè уште не се свесни за тоа. Светското првенство во три земји ќе има огромно влијание врз целиот регион и пошироката фудбалска заедница – соопшти ФИФА.
ГРАДОВИ ДОМАЌИНИ И СТАДИОНИ
Атланта – Мерцедес-Бенц стадион (71.000)
Бостон – Жилет стадион (65.878)
Далас – AТиT стадион (80.000)
Канзас Сити – Ероухед стадион (76.416)
Лос Анџелес – СоФај стадион (70.240)
Мајами – Хард Рок стадион (64.766)
Хјустон – НРГ стадион (72.200)
Њујорк – МетЛајф стадион (82.500)
Филаделфија – Линколн Фајненшл филд (69.796)
Сан Франциско – Левис стадион (68.500)
Сиетл – Лумен Филд (69.000)
Торонто – БМО Филд (30.000, по проширување 45.000)
Ванкувер – БиСи Пласедабл (54.000)
Гвадалахара – Акрон стадион (49.850)
Мексико Сити – Ацтека (87.523)
Монтереј – ББВА стадион (53.500)