Фото: Instagram / Draga di Lovrana

Познат хрватски ресторан ја враќа Мишелин ѕвездата: Ни донесе само проблеми и ги избрка нашите гости

Ресторанот „Драга ди Ловрана“ ќе ја врати познатата Мишелин ѕвезда бидејќи сопственикот вели дека престижната награда не им донела ништо добро, туку дека поради тоа изгубиле многу гости.

Мишелин ѕвездата со децении е најпосакуваниот трофеј во гастрономијата и се смета за потврда за квалитетот на еден ресторан. Токму затоа се верува дека ѕвездата е одлична реклама и за ресторанот и за готвачот кој ја заработил.

Сепак, во последниве години, сè повеќе готвачи и ресторани решија да го вратат ова признание или да го одбијат. Последниот пример доаѓа и од Хрватска, каде Кристијан Николац, сопственик на ресторанот „Драга ди Ловран“ во истоимениот хотел во Ловранска Драга, најави дека ја врати Мишелин ѕвездата што ја има од 2019 година, пишува „Јутарњи.хр“.

Фото: Instagram / Draga di Lovrana

„Пред точно пет години нашиот ресторан беше вклучен во водичот Мишелин и награден со Мишелин ѕвезда, која гордо ја носевме во следните години. Тие години беа предизвикувачки и возбудливи, беше многу важно повторно да го потврдиш статусот и многу креативна енергија се вложи во исполнувањето на некои непостоечки правила за да го задржиме статусот во друштво на најдобрите“, изјавил Кристијан Николац.

Тој додава дека во сето ова е изгубена првичната идеја, а статусот ресторан со Мишелин ѕвезда станал своевиден товар за нив.

„Во октомври минатата година го затворив ресторанот и донесов одлука дека повеќе не сакам да ме оптоваруваат со награди и статуси. Решив да ја вратам ѕвездата. Ќерка ми Кели Николац, младата сила на семејството, изрази желба да води хотел и ресторан, но според сопствените идеи, неоптоварена со статуси и успеси. Таа реши да создаде своја приказна, како логично продолжение на идејата на нејзините родители и да го врати познатото чувство на гостопримство како што беше првично замислено“, додал сосптвеникот на ресторанот.

Фото: Instagram / Draga di Lovrana

Николац вели дека нема ништо против ѕвездите на Мишелин и дека тие би сакале да останат во водичот на Мишелин. Сепак, тие ќе ја вратат ѕвездата бидејќи во нивниот случај тоа само им донело проблеми во бизнисот.

„Едноставно изгубивме гости, а инвестициите во ресторан со концепт на кујна што го имавме се превисоки и неисплатливи. Сакам да бидеме ресторан во кој гостите ќе се чувствуваат удобно, да не мислат дека мора да бидат свечено облечени, дека можат да дојдат со деца, со куче“, рекол Николац.

Фото: Instagram / Draga di Lovrana

Во годините по ѕвездата, која го наметна императивот да се подигне на повисоко ниво и ги стави сопствениците под медиумски притисок, Николац сфати дека таков концепт на „фино јадење“ не одговара на самото место, ниту на целите што тој и неговата сопруга ги поставиле кога го отвориле хотелот со ресторан во 2005 година.

Пансионот, кој е изграден во 1909 година, а го посетил и самиот австроунгарски император Франц Јозеф, се наоѓа во Ловранска Драга на 388 метри надморска височина, во паркот на природата Учка, па нивните традиционални гости биле од сите профили, љубители на природата кои сакаат да уживаат во природата, чистиот воздух и погледот на Кварнер.

Со оглед на цените и формалниот „дрес код“, затоа што не се оди на планина со сако и фустан, по ѕвездата на Мишелин, туристите повеќе не ја гледаа „Драга ди Ловран“ како свое место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот