
Позитивната листа на лекови „заглави“ во Управниот одбор на Фондот за здравство, додека министрите се расфрлаат со изјави дека само што не се проширила
Позитивната листа на лекови уште не може да доживее ажурирање иако сите министри за здравство се расфрлаа со ветувања дека тоа само што не се случило. Министерот за здравство, Арбен Таравари, пред три недели најави дека „за две недели ќе биде ажурирана позитивната листа“.
Препорачано
И неговиот претходник, Фатмир Меџити, кој го почна процесот за проширувањето најавуваше дека новите лекови на позитивната листа „само што не станале реалност за пациентите“, а од неговите ветувања до денеска помината е една година. Извори на „Слободен печат“ од Фондот за здравство, не се оптимисти дека ажурирањето ќе биде така експресно како што најавуваат здравствените власти во медиумите.
– За да влезат нови лекови на позитивната листа, треба некои стари да се исфрлат од неа, а таква анализа Министерството за здравство немало подготвено – тврдат нашите извори.
Овие неофицијални информации од извори во Фондот не успеавме да ги официјализираме, но дефинитивно е јасно дека процесот за проширување на застарената листа на лекови стагнира и тоа во Управниот одбор на Фондот.
Кога ќе се погледнат записниците од одржаните седници на Управниот одбор, јасно е и зошто позитивната листа на лекови уште не е проширена – дел од членовите не се импресионирани од предлозите, комисијата во Министерството не ги рангирала лековите по приоритет, потребни се пари за проширувањето, а дел од членовите обвинуваат дека предложените лекови за срце биле застарени. Од записниците кои се достапни на страницата на Фондот за здравство, се гледа дека на состаноците на Управниот одбор, за оваа материја не се постапува со итност, ниту пак дискусиите течат глатко, туку членовите им наоѓаат мани на предложените лекови.
„Слободен печат“ праша тројца членови од Управниот одбор кога последен пат дискутирале за проширувањето на позитивната листа на лекови, а одговор добивме само од Маја Ковачева, фармацевтка претставничка на Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката комора на Македонија. Таа вели дека позитивната листа на лекови не се нашла на дневен ред во ФЗОМ од април до денес.
– После крајот на април не беше поставена точка на дневен ред за позитивната листа. Последната дискусија беше крај на април, или на 159 или на 160 седница – рече таа во одговор на нашите прашања.

На 158. седница на Управниот одбор на ФЗОМ од 28 март годинава, на дневен ред се нашла точката за разгледување на предлог-листата на лекови што ја доставила стручната комисија што ја формираше Министерството за здравство. Според наши информации, предложени биле девет генерички лекови за хипертензија, срцева слабост, превенција на артеротромбоза, Алцхајмерова болест, депресија и анксиозни растројства, како и еден нутриенс за туморска кахексија, кој веќе се наоѓал на болничката листа на лекови, а производителот побарал да се префрли на примарната листа на товар на Фондот.
На споменатата седница, тогашната директорка на ФЗОМ, Магдалена Филиповска Грашкоска навела дека стручната комисија доставила четири ранг-листи по групи на лекови, од кои најголемиот дел добиле максимален број бодови, со што се оставило Управниот одбор на Фондот да реши кој од нив ќе влезе на позитивната листа.

Грашковска тогаш посочила дека Комисијата во предлогот дала референтни цени од една фармацевтска компанија, а имало повеќе регистрирани лекови од различни производители за истиот тој лек. Според неа, не било јасно дали предлозите се есенцијални лекови, а напоменала и дека предлозите биле означени под заштитеното име на лекот, а не според генеричкото име.
– Заради надминување на овие дилеми, одлучивме да ви предложиме да се испрати допис до Стручната комисија за Листата на лекови на товар на Фондот. Инаку, во моментов ние како Фонд не можеме да кажеме со колку точно средства располагаме за вклучување нови лекови на примарната позитивна листа – рекла Магдалена Филиповска Грашковска на состанокот на Управен одбор на ФЗОМ на 28 март годинава.
Фармацевтката Маја Ковачева, исто така членка на Управниот одбор, на истиот состанок потсетила на фактот што е општо познат, дека „сме свесни за финансиските ограничувања на Фондот за проширување на Листата на лекови, но и дека во Листата на лекови петнаесет години не е влезено ништо ново“.
Членката на УО, Фросина Арнаудова Дежуловиќ истакнала дека помеѓу предлозите од Стручната комисија за проширувањето на позитивната листа на лекови, „имало и такви кои се однесуваат на два лека со ист ефект, односно намена, како и такви кои се однесуваат на лекови што подолго не се користат во праксата“.

Претставникот на пензионерите во Управниот одбор на ФЗОМ, Димитар Димитриевски предложил во дописот да се побара одговор и за тоа „дали давајќи го предлогот што се однесува на лекови за срцеви заболувања, Стручната комисија ги земала во вид насоките и упатствата за медицина базирана на докази“.
– Ова особено затоа што добивме предлози за лекови стари по триесет години, а не за нови лекови потребни за ефикасен и економичен третман на пациентите – рекол Димитриевски.
Веќе на следната седница од 26 април годинава (159 седница на Управен одбор) стручната комисија на Министерството за здравство одговорила на забелешките од претходната седница. Претставникот на пензионерите во Управниот одбор на ФЗОМ, Димитар Димитриевски, тогаш навел дека не е задоволен од предлозите за лековите доставен од стручната комисија и прашал колку пати годишно може да се менува Листата на лекови на товар на Фондот и дали ФЗОМ може да доставува предлози за промените. Добил одговор дека Листата може да се менува четири пати годишно и дека ФЗОМ не може да дава предлози за лековите што треба да се најдат во проширувањето на позитивната листа. Тој бил дециден – не е задоволен од предлогот на Стручната комисија, кој според него не бил во интерес на осигурениците и затоа немало да гласа за негово усвојување.

Членот на УО на ФЗОМ, Љубиша Каранфиловски на истата седница нагласил дека „Управниот одбор не треба да брза со донесување одлука за тоа што не е ургентно и сѐ уште не е разјаснето“.
– Прво треба да се добие одговор на сите релевантни прашања. Има стручни прашања за лековите кои треба да бидат поставени на Стручната комисија – рекол тој.
Потоа се дискутирало за одделни лекови кои се опфатени со предлогот на Стручната комисија.
Притоа од Маја Ковачева и Фросина Арнаудова Дежуловиќ се истакна дека последнонаведениот лек – Prosure, Комисијата воопшто не требало да го даде како предлог, бидејќи всушност и не е лек, туку нутриенс – храна.
Блерина Туши пак наведе дека Комисијата ги разгледала сите барања кои биле доставени и ги бодирала, како и дека во Правилникот е предвидено вклучување и на нутриенсите во Листата на лекови.
Потоа се дискутираше за тоа зошто кај фармацевтските фирми немало интерес за поднесување барања за вклучување на повеќе лекови во Листата на лекови и дали има можност и без барања од нивна страна да се поведе постапка за вклучување на лекови кои се потребни за осигурениците, се наведува во записникот од седницата.
Директорката Филиповска Грашкоска тогаш навела дека кога сите предложени лекови би влегле во Листата на лекови на товар на Фондот, за периодот од месец мај па до крајот на годината би биле потребни еден милион евра и тоа само за фактурите кои имајќи ги предвид роковите за плаќање од договорите, би стасале за плаќање во 2024 година. Според Стручната комисија пак, потребни би биле 52 милиони денари.

На сајтот на ФЗОМ се објавени само овие два записника на кои се дискутирало за проширувањето на позитивната листа на лекови. Еден од членовите на Управниот одбор ни рече дека составот на членовите е пред смена, но беше сигурен дека досега не донеле одлука да се прошири Листата на лекови.
И од ФЗОМ официјално ни одговорија дека предлогот од Комисијата на МЗ за Листата на лекови е во постапка на Управниот одбор на Фондот.
– По донесување на одлука, редовно следуваат и информации до јавноста од Фондот – велат од ФЗОМ за „Слободен печат“.
Позитивната листа на лекови не е ажурирана од 2015 година.
Лекови за депресија, Алцхајмер и дијабетес „се кандидираа“ за позитивната листа