
Пожарот на Дрисла не стивнува, Ангелов најавува затрупување на депонијата со земја
Сè уште е активен пожарот на депонијата Дрисла, кој избувна вчера попладне. Во централниот дел гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад што се чувствува и во пошироката околина, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Препорачано
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека скопските пожарникари цела ноќ се обидувале да го изгаснат пожарот, но гаснењето со вода не дало резултати. Затоа денеска е започнато затрупување на најкритичниот дел од депонијата, каде пожарот е најинтензивен.
„Очекувам до попладневните часови чадењето да запре. Постојат индиции дека станува збор за намерно подметнат пожар, бидејќи во текот на летото немаше „самозапалување“, а сега, кога температурите се пониски, тоа се случи“, рече Ангелов.
Тој информира дека Владата ќе донесе одлука за забрана за движење во депонијата Вардариште, која ќе биде обележана и обезбедена за да се спречи ново намерно или ненамерно потпалување. Додаде и дека веќе се поднесени кривични пријави против три лица кои нелегално управувале со отпад.
Во гаснењето на пожарот на Дрисла учествувале седум пожарникари со две возила од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Пожарот, како што соопшти ЦУК, не се шири и не претставува закана за околната шума или населби.
Ангелов нагласи дека затрупувањето е само привремено решение и оти по завршување на изборите треба да почне реализација на проект за трајно решавање на проблемот со депонијата.