Христијан Мицкоски, Али Ахмети

Пожарите изгаснати, на сцена се политичките потпалувачи

Адеми во интервју за „360 степени“ изнесе сериозни наводи дека премиерот Мицкоски лажно ги информирал странските претставници дека Ахмети и ДУИ подготвуваат дестабилизација на државата.

Очајна измислица и лага на ДУИ, е коментарот од Владата по обвинувањата на потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, дека премиерот Христијан Мицкоски ги лажел меѓународните партнери дека интегративците ги потпалувале пожарите и дека подготвувале убиство на свој кандидат за градоначалник за да предизвикаат тензии и немири.

Изборната кампања кулминира со сериозни и жестоки обвинувања на Мицкоски кон Ахмети, но и кон лидерот на СДСМ Венко Филипче и експремиерот Зоран Заев. Тој на митинзите „разграничува“ кој го дели народот, кој лаже, кој измислува афери и кој е предавник, а кој чувар на националните интереси.
Адеми во интервју за „360 степени“ изнесе сериозни наводи дека премиерот Мицкоски лажно ги информирал странските претставници дека Ахмети и ДУИ подготвуваат дестабилизација на државата.

– Е, сега, кога сме кај загарите и орлите, дозволете да ви кажам дека два дена пред одржување на промотивната конвенција, претседателот Ахмети му пратил порака преку човек на господинот Мицкоски да не се занимава со лажни информации, лажно известување на меѓународните центри, на нашите пријатели, меѓународни пријатели, дека ДУИ, демек, стои зад пожарите што се случија летово. Гледаме дека ништо од тоа нема. Дека ДУИ стои позади пожарите што се случија во Скопско, дека ДУИ планира да ја запали џамијата на Попова Шапка. Дури дотаму одеа, што лажно информираат и известуваат дека ДУИ подготвува и убивање на некој свој кандидат за градоначалник за после да се случат етнички тензии, немири во Македонија – рече Адеми.

Арбр Адеми Фото: Принтскрин

Тој објасни дека пораката на Ахмети до премиерот била да не се служи со загари, односно со гласини. Адеми тврди дека Мицкоски тоа го прави во континуитет, односно дека ДУИ година и пол се соочува со обвинувања од Мицкоски дека подготвуваат дестабилизација.

 

Со зајаци и загари во лов на политички рејтинг, изборната кампања почна со размена на ниски удари

– Дали имало дестабилизација досега? Но, ние ако велиме дека премиерот Мицкоски својата политика ја базира на опасна политичка платформа за спречување на обединувањето на Албанците и моќното политичко претставување на Албанците, тоа не значи дестабилизација. Кога ние велиме дека столбовите на Охридскиот мировен договор ги рушат намерно и преку инструментализација на независни институции, како што е Уставниот суд, тоа не значи дестабилизација. Тоа е споделување на вистината пред целата јавност – смета Адеми.

Од Владата за „Слободен печат“ велат дека обвинувањата на Адеми се уште една очајна измислица на ДУИ.

Христијан Мицкоски митинг Скопје Фото: Методи Здравев/Слободен печат

-Кога немаат што да понудат, кога се соочени со сопствените неуспеси и криминал, единственото нешто што можат да направат е да измислуваат приказни и да се обидуваат да создадат тензии. Ова е нивна проверена тактика секогаш кога ќе почувствуваат дека ја губат поддршката на народот. Али Ахмети и неговото раководство се очајни, затоа што првпат по две децении гледаат дека граѓаните од сите етнички заедници се обединети против нивното владеење, засновано на корупција, закани и партиски привилегии. Наместо да зборува за иднината, Ахмети повторно користи лаги и поделби, обидувајќи се да ја дефокусира јавноста од вистинските проблеми кои токму ДУИ ги создаде. Кога нема да го споменуваат името на Мицкоски, ДУИ нема што друго да каже во кампања. Го користат името на претседателот на Владата за да си најдат тема, бидејќи немаат програма, немаат идеи и немаат кредибилитет – велат од Владата.

Според Владата, граѓаните одамна ја препознале оваа стара, истрошена стратегија на страв и дезинформации и дека Македонија оди напред без ДУИ и без нивните лаги и политиките на Али Ахмети кои ја држеа државата во заложништво повеќе од две децении. Оттаму додаваат дека е време за вистинска промена, за правда, развој и институции што ќе работат за сите граѓани, а не за партиските шефови од Мала Речица.

 

Премиерот влезе во клинч и со Филипче и со Заев.

Венко Филипче - Претседател на СДСМ/ Фото: Слободен печат/ Методи Здравев
Венко Филипче – Претседател на СДСМ – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Мицкоски речиси на секој митинг го прозива Заев дека зел пари од источниот сосед за национални отстапки и предавства. Заев експресно му одговори дека неговите обвинувања се лага и дека се производ на, како што вели, неговата неспособност да испорача резултати со која ќе ја однесе државата во провалија.
Филипче, пак, обвини дека власта води црна кампања против СДСМ, сакајќи на подмолен начин да ја етикетира опозицијата како предавничка и да ги подели граѓаните.

 

За Мицкоски црвените линии на СДСМ биле тројански коњ од Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот