Фото: Profimedia

„Позајмивме“ солидарен данок, сега ќе го плаќаме со камата

Компаниите имаат рок од пет години да си ги побараат парите назад. Министерството за финансии соопшти дека е подготвено да го вража тоа што им следува во согласност со одлуката на Уставниот суд

Одлуката на Уставниот суд дека го поништува Законот за солидарен данок одекна како бомба во јавноста. Компаниите што беа обврзани со овој Закон уплатија безмалку 50 милиони евра на крајот од 2023 година. Оттогаш „фрчеа“ иницијатива за преиспитување на уставноста на Законот, а главните аргументи беа дека се урива правната сигурност, дека се делува ретроактивно и дека се поткопува конкурентноста. Токму тоа беа и аргументите на уставните судии за да го поништат законот, со што се поништија и сите правни дејствија, како и да го немало. Но, за нас, сите што го полниме Буџетот, остана едно правно дејствие – да ги вратиме „непромислено“ земените пари од солидарен данок со камата.

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на прес-конференцијата појасни дека 156 компании сега имаат право во рок од пет години, доколку сметаат дека со тој закон им биле повредени правата, да бараат од надлежниот орган да се поништат решенијата со кои им се повредени правата.

– Вакво ретроактивно дејство на закон е апсолутно недозволено. Значи правната сигурност на субјектите во правото е дека тие мора да имаат правна предвидливост. Субјектите во правото мораат да знаат што ги чека. Не може сред игра да им ги менуваш правилата на игра. Тоа е правната предвидливост, тие носат проекции и во тоа се состои суштината на владеењето на правото. Кога владее правото ти знаеш што те очекува, дека оваа година на толку остварен профит, толку данок ќе платам. Сè друго води кон правна непредвидливост и правна несигурност – изјави Костадиновски.

Веднаш по оваа прес-конференција се огласи Министерството за финансии.

„Согласно надлежностите како Министерство за финансии ќе постапиме по одлуката на Уставниот суд по нејзиното објавување во Службен весник и ќе ги сервисираме создадените обврски од буџетот“, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање рече дека и како опозиција предупредувале дека овој закон не е уставен и дека го загрижува тоа што добил поддршка од некои меѓународни институции.

– Сега кој ќе го врати ова? Еве да ги прашам, бидејќи тогаш бевме опозиција и на состаноците со претставниците на тие меѓународни финансиски институции, лично ги гледав во очи и им кажував дека ова дивеење еден ден некој ќе го враќа. Еве дојде денот кога вие треба да го враќате. Тие ќе си се спакуваат, ќе си отидат таму од кај што дошле, вие ќе треба да го враќате. И сега наместо нови 50 милиони за нешто друго, ние ќе треба да враќаме за хировите и за грешките на накој што ги правел – рече Мицкоски.

Од Левица, пак, реагираа дека „Уставниот суд, на веќе пресудена работа, спротивно на темелните вредности на Уставот – го укина единствениот добар закон донесен од минатата власт“.

„Тоа е Данокот на солидарност (со кој се даночеа екстрапрофитите на најбогатите компании што нè испокрадоа за време на ковид-кризата)! Со тоа, Уставниот суд (кој, патем речено, пресуди дека е уставно работниците да работат 72, наместо 40 часа неделно) по којзнае кој пат докажа дека нема никаква правна експертиза и е обичен слуга на олигархијата и на богатите, а против концептот на „социјална држава“, обвини лидерот на Левица, Димитар Апасиев, преку социјалните мрежи.

Ванчо Узунов кој во време на почетоците на претходното владеење на СДСМ беше голем поборник за прогресивното оданочување, во гостувањето на ТВ Телма рече дека тоа да се случеше, немаше ни да имаме потреба од солидарен данок што се воведе по кризата со ковид-пандемијата и енергетската криза.

– Јас мислам дека закон за солидарен данок како намера беше оправдан, но начинот како тоа беше направено беше неоправдан, па затоа судот ја враќа работата назад. Ајде да почнеме да гледаме малку политичарите да бидат одговорни. Кога се носи одреден закон, или измена да се гледа и правна процедура, правна сигурност итн. Овој проблем што требаше да се реши со интенцијата на солидарниот данок ќе немаше да постои, ако си останеше прогресивното оданочување. Исти пари ќе ги земеше државата и никој не ќе можеше да тужи на Уставен суд – посочи Узунов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот