
Позагадена од воздухот е политичката клима
Се потврдија очекувањата дека во Собранието ќе има две надзорни расправи. Денешната, на опозицијата, беше бојкотирана од премиерот и надлежните министри кои, пак, се очекува да учествуваат на расправата во Комисијата за здравство, предводена од Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, закажана за в петок
Пратениците од власта и од опозициската ДУИ, но и премиерот Христијан Мицксоки и министрите за животна средина и за енергетика, Изет Меџити и Сања Божиновска, ја бојкотираа првата надзорна расправа за ефектите од аерозагадувањето во Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните со која претседава Димитар Апасиев од Левица.
Препорачано
По собраниските игри на мнозинството, премиерот и првиот вицепремиер се очекува да учествуваат на „своја“ надзорна расправа во Комисијата за здравство, предводена од Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, закажана за в петок и таму да одговараат за катастрофалните последици од аерозагадувањето во Скопје, Битола, Тетово, Кичево и во другите градови на Македонија.
За „игранката“ за надзорната, претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања Миле Лефков за потенцијален судир на интереси ќе се соочи со преставка пред Антикорупциска. Претседателот на Собранието Африм Гаши, пак, се спаси од кривична и од интердикна постапка пред Уставниот суд, бидејќи, како што вели Апасиев, некој го подучил и не ја откажал „надзорната“ во Анкетната комисија. Со ова се потврдија очекувањата дека во Собранието ќе има две надзорни – една на опозицијата и друга на власта.
– Доколку не ја одржев надзорната ризикувам кривична пријава за непостапување, односно неизвршување службено дејстиве од страна на 20-те пратеници коишто побарале од мене да ја свикам оваа расправа – рече Апасиев.
Тој потенцира дека ако Гаши донесеше решение за поништување на надзорната расправа на Анкетната комисија, тоа би било предмет на понатамошна судска постапка пред Уставниот суд.
– Во овој случај не постојат предуслови за такви правни инструменти, затоа што претседателот, според мое уверување, не донесе никаков правен акт со кој ја поништува првично закажаната комисија. Спикерот Гаши знае дека дококу донесе такво решение за поништувње, тоа би било предмет на понатамошна судска постапка пред Уставниот суд – вели Апасиев.

Прв на сослушување од пратениците беше Бојан Трпевски од Здружението на млади правници, кој рече дека судската практика не предвидува заштита на човековите права и судовите не утврдуваат правна одговорност поради неподготвување на стратешки документи од областа на животната средина и затоа тоа е еден од предизвиците со кои се соочува државата. Трпевски обелодени дека последниот национален акциски план за животната средина бил со важност до 2012 година, а последниот национален план за заштита на амбиентниот воздух бил со важност до 2018 година, а оттогаш нема нови документи. Тој истакна дека двете тужби кои ги поднеле во судовите во Скопје и во Битола против Владата, Министерството за животна средина и против Град Скопје, односно Општина Битола, како и други поведени постапки за загаден воздух и диви депонии и неправилно управување со отпад, се отфрлени од судовите.
– За жал, сите граѓански постапки се отфрлени, а една е пред Судот во Стразбур. Тековно имаме постапка по жалба пред Вишиот управен суд. Има ад-хок решенија за заштита на амбиентниот воздух, но нема стратешки документ. Нашето истражување од 2023 година утврди намалување на бројот на податоци за среднодневните концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, што укажува дека државните мониторинг мерни станици се соочуваат со проблеми во обезбедување континуирани податоци за концентрација на честичките – рече Трпевски.
Тој додаде дека Владата презема мерки за справување со аерозагадуваето, но дека е поважно да се согледаат ефектите и да се има стратешки пристап наместо ад-хок мерки. Според него, клучно е финансирањето за спроведување на законите во областа на животната средина и е нужно поголемо издвојување средства од Буџетот.

– Она што сметаме дека е многу поважно прашање е кој е ефектот од тие мерки што ги презема не само оваа Влада, туку и во подолг период, затоа што граничните вредности за концентрација на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, кои се најпроблематични, во континуитет се надминуваат секоја година над дозволеното ниво односно над 35 дена годишно, согласно нашето законодавство – рече Трпевски.
За казнената политика тој додаде дека финансиите се клучни за справување со ефектите од загадувањето, но и дека не можеме да го занемариме фактот дека кај нас има само 17 државни инспектори за животна средина кои би требало да ги контролираат сите инсталации со А-интегрирани еколошки дозволи.
– Казнената политика на судовите, пак, покажува дека најголем дел од кривичните дела се однесуваат на полесни кривични дела од областа на животната средина, иако неодамна е воведено кривичното дело екоцид – смета Трпевски.
Статистиката во однос на кривичната политика укажува дека најголем дел се парични казни наспроти затворските казни.