
Повреда на Мбапе: Реал и Франција во страв пред клучните мечеви
Под прашалник е настапот на Килијан Мбапе по повредата што ја заработи во саботата на мечот меѓу Реал Мадрид и Виљареал, кој „кралскиот клуб“ го доби со 3:1. Францускиот напаѓач, веднаш по постигнатиот трет гол, се фати за десниот зглоб и го напушти теренот, видливо во болка.
Препорачано
Селекторот на Франција, Дидие Дешан, изјави дека сè уште ги чека конечните информации од лекарскиот тим пред претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство.
Во моментот немам дополнителни информации. Разговарав со него — има помал проблем, но ако беше нешто посериозно, немаше ни да пристигне денес. Ќе ја почекаме проценката на медицинскиот тим и ќе видиме како ќе се развива ситуацијата“, рече Дешан.
Франција во петок ја пречекува Азербејџан на „Паркот на принцовите“, а во понеделник гостува на Исланд во Рејкјавик. „Триколорите“ се лидери во групата Д со максимален број победи по првите две кола.
Мбапе е втор најдобар стрелец во историјата на француската репрезентација со 52 погодоци, шест помалку од рекордерот Оливие Жиру. Голот против Виљареал беше негов 14. сезонава во 10 настапи за Реал Мадрид.
Иако повредата не делува сериозно, останува неизвесно дали ќе биде целосно подготвен по репрезентативната пауза, кога Реал Мадрид на 26 октомври го очекува големото „Ел Класико“ против Барселона на „Сантијаго Бернабеу“.