Јужно овошје на Бит-пазар / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Повозрасните имаат повеќе време да шетаат низ тезгите, помладите влегуваат само во маркетите

Од „АД „Скопски пазар“ за „Слободен печат“ велат дека големите маркети не им се конкуренција, поради очигледната разлика во квалитетот на понудата. Одтаму за нашиот весник го издвојуваат Зелениот пазар како најфреквентен, иако додаваат дека имаат солидна продажба и на останатите пазари

Шеесет отсто од граѓаните ги преферираат зелените пазари како места од каде се снабдуваат со овошје и зеленчук. Во најновата анкета на Земјоделски пазарниот информативен систем (ЗПИС) на Министерството за земјоделство, една петтина од нив одговориле дека купуваат во маркет (21 отсто), а од двете места се снабдуваат 18 отсто од нив.

Од „АД „Скопски пазар“ за „Слободен печат“ велат дека големите маркети не им се конкуренција, поради очигледната разлика во квалитетот на понудата. Одтаму за нашиот весник го издвојуваат Зелениот пазар како најфреквентен, иако додаваат дека имаат солидна продажба и на останатите пазари.

Според познавачите, тешко е да се извага дали намалениот стандард влијае и врз прометот на пазарите, но дел од пазарџиите оценуваат дека последниве години продаваат помалку зеленчук и овошје за околу 30 отсто. Според нив, најголемо влијание за тоа е што дуќаните, за разлика од пазарите имаат подолго работно време, што им овозможува на граѓаните да пазарат откако ќе се вратат од работа.

Зеленчук на Бит-пазар / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

– За помладите е побрзо купувањето во супермаркет, каде може да најдат широк асортиман на едно место. Воопшто младите и не сакаат да губат време да шетаат по тезгите. Но за мене пазарот си е пазар и не се откажувам од него – вели една повозрасна купувачка, која вели дека понекогаш оди на пазар само да се прошета и да размени по некој збор со тезгаџиите.

Меѓудругото, информативниот портал на Министерството за земјоделство, открива и дека во моментот најскапа просечна цена на пазарите во земјава имаат бадемите и чистените ореви ( 600, односно 500 денари за килограм), следува лукот со просек од 375 денари килограм и гравот кој се продава во просек за 250 денари.

-Како и секаде така и на пазарите цените се одредуваат според побарувачката и понудата. Големите маркети не се конкуренција за пазарите, бидејќи разликата во квалитетот е очигледна. Како најфреквентен пазар можеме да го издвоиме Зелен пазар, но мора да се каже дека имаме солидна фреквенција на сите останати пазари – информираат од АД „Скопски пазар“, компанија која управува со 12 зелени пазари со капацитет од околу 2700 продажни места -тезги.

Дополнително компанијата располага со деловен простор претежно наменет за изнајмување на други корисници со вкупна површина од околу 55.000 квадратни метри.

Инаку, зелените и цветните пазари смеат да работат во недела, но тоа не важи за продавниците кои се наоѓаат во нив. Најчесто тие продавници прометот најмногу го остваруваат кога е работното време на пазарите, па дури и така го имаат прилагодено своето работно време.

Бит пазар / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Последната информација од Групацијата за пазари при СКСМ покажува дека во Македонија постојат околу 15.000 до 20.000 закупци на тезги, што значи дека над 10.000 семејства живеат од тргувањето на зелените пазари. Инаку, во многу градови низ Македонија вклучително и Скопје, дел од пазарите се реконструираат, а некаде веќе се градат и нови пазари. При тоа, во голема мера се користи и искуството од веќе модернизираните пазари во земјите од регионот, преку изградба на нова инфраструктура, нови комунални решенија во делот на собирање и рециклирање на отпадот, одржување на хигиената на пазарите, набавка и изработка на нови посовремени и помодерни тезги, начин на покривање на пазарите (особено онаму каде што нема услови за изградба на класично нови пазари).

УЈП ги повика организаторите да поднесат извештај за искористеноста на тезгите

Организаторите на зелените пазари до 31 декември требаше да поднесат извештај за тековната состојба на корисниците на тезгите на зелените пазари за периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година, за Управата на јавни приходи да изврши утврдување на данокот. Извештајот ПДД-И/ЗП се поднесува посебно за секој одделен зелен пазар.

-Во насока на унапредување на досегашната соработка, со цел ажурни и точни Извештаи (годишен и месечни) за корисниците на тезги на зелени пазари, со што не само што се постигнува висока усогласеност со законските обврски и се одбегнува примената на прекршочните одредби, туку се зголемува и усогласеноста на даночните обврзници – корисници на тезги на зелени пазари и се достигнува навремено и правично оданочување, цениме за потребно да Ве потсетиме на законските рокови и начини за постапување согласно Законот за данок на личен доход – соопштија од УЈП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот