Нови регистарски таблички / Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Повеќе од половина институции не доставиле податоци до ДКСК за службените возила

Согласно Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал имаа обврска најдоцна до 18 август годинава, да достават податоци до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на службените возила. Вкупно 1.514 институции имаа обврска да достават податоци. До денеска, тоа го сториле 635 институции или 42 проценти, додека 879 институции, односно 58 отсто, воопшто не доставиле информации.

ДКСК на својата веб-страница го објави Регистарот на службени моторни возила, во согласност со законската обврска, но и со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречи евентуална злоупотреба на возилата за време на изборната кампања.

Од институциите што доставиле податоци, 403 (63%) тоа го направиле во рок, пријавувајќи 4.079 возила, а 232 институции подоцна доставиле информации за 2.558 возила. Во регистарот досега се објавени информации за 578 институции кои располагаат со 6.637 возила, од кои 5.456 се во возна состојба, 1.003 не се во возна состојба, а за 178 нема податоци за состојбата. Дополнително, 57 институции пријавиле дека не располагаат со возила.

Во споредбата со податоците од Министерството за внатрешни работи (МВР) е утврдено дека само кај 34 проценти од институциите бројките целосно се совпаѓаат. Кај останатите 66% има разлики – дел пријавиле повеќе, а дел помалку возила од евиденцијата на МВР. Забележани се и 27 институции кои пријавиле дека располагаат со возила што воопшто не постојат во податоците на МВР, што упатува дека тие можеби се водат на друго правно лице, но им се дадени на користење.

Исто така, 192 институции воопшто не доставиле податоци до ДКСК, иако, според МВР, располагаат со вкупно 2.028 возила.

ДКСК посочува дека со оваа пракса на објавување податоци се овозможува јавен увид, а воедно се поттикнува транспарентност и одговорност кај институциите задолжени за службените возила.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот