
Повеќе од милион Украинци останаа без струја по големиот руски воздушен напад
Повеќе од милион Украинци на западот од земјата денеска се без струја, по големиот руски воздушен напад врз цивилната енергетска инфраструктура, во услови на ескалација на руските закани за Украина и Западот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Шефот на една од компаниите за снабдување со електрична енергија „Јасно“, Сергиј Коваленко, на Фејсбук напиша дека „се воведени прекини на струја низ целата земја поради непријателски напад“.
Според него, енергетската компанија „Укренерго“ предвидува прекини на струја до вечерва. Украинските власти рано утринава објавија дека имало голем напад врз енергетската инфраструктура во земјата, поради што биле принудени да воведат итни прекини на струјата.
Гувернерот на Лавовската област околу 10 часот по локално време објави дека 523.000 корисници останале без струја поради утринските напади, пренесува Бета.
Регионалните власти на Ривина известија дека 280.000 луѓе немаат вода.
„Сите релевантни служби работат на отстранување на последиците од нападот“, рече гувернерот Олександр Ковал преку Телеграм.
Во соседниот регион Волин, според гувернерот, 215.000 жители се во темнина. Западниот регион Ивано-Франковск, исто така, се соочува со прекини на електрична енергија, како и регионот Хмелницки, во Централна Украина, но тие не дадоа информации за тоа колку луѓе се погодени.
На југот на земјата, градоначалникот на Миколаив, Олександр Сенкиевич, најави дека тролејбусите и трамваите не работат поради прекини на струја, а училиштата денеска ќе бидат затворени.