Плакат за осмото издание на „Бич филм фестивал“ во Охрид

Повеќе од 60 европски филмови ќе бидат прикажани под ѕвезденото небо во Охрид

Градот Охрид од 23 до 27 јули повторно ќе стане живо гледалиште на новиот европски филм. Осмото издание на „Бич филм фестивал“ (Beach Film Festival) ќе се одржи на четири внимателно избрани локации: главното отворено кино на плажата Славија, култната плажа Сараиште, Брод Армада и Младинскиот центар во Охрид.

Фестивалот годинава носи повеќе од 60 филмови од современата европска кинематографија – внимателно селектирани, со свежи авторски гласови. Отворањето на фестивалот е закажано за 23 јули со проекција под отворено небо на плажата Славија, со што ќе почне петдневната филмска авантура покрај езерото.

Фестивалот има и натпреварувачки карактер, со доделување награди за: најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен филм, најдобро актерско остварување, како и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм.

За главната награда ќе одлучува четиричлено меѓународно жири составено од Хуан Албарацин (режисер и сценарист, Шпанија), Танасис Неофотистос (режисер и писател, Грција), Натан Силвер (режисер, САД) и Патрик Бихтинг (режисер и продуцент, Германија). Првпат оваа година, ќе додели своја награда и младото жири во состав: Агнес Лахтова, Димитриј Мартиновски и Иво Георгиески.

„Бич филм фестивал“ не е само платформа за филмови, туку и за идеи – за поврзување преку култура. Во магичниот амбиент на Охридското Езеро, помеѓу старото јадро и ноќните проекции под отворено небо, фестивалот ја оживува визијата за култура која не е затворена во сали, туку дише заедно со градот и со публиката.

Ова издание на фестивалот се реализира со поддршка од Агенцијата за филм, Општина Охрид, Шпанската амбасада, Гете Институт, Француски институт, Италијанската амбасада, Халкбанка и Соко. Сите продадени билети и доброволни донации ќе бидат донирани на погодените семејства од пожарот во Кочани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот