
Потребни се паркинзи низ Скопје, велосипедите се врзуваат за бандери и огради
Грижата на општините за велосипедистите обично завршува со субвенции за купување нов велосипед, без да се понудат подобри услови за вљубениците на две тркала, па дури ни паркинзи, кои покрај патеките се основна потреба за ваков превоз. Како што велат велосипедистите – кога со велосипед одиш на работа или излегуваш по каква било потреба, кога ќе стигнеш, треба некаде и да го паркираш.
На Скопје му се потребни нови велосипедски патеки, повеќе паркинзи за велосипеди, па дури и можност за нивно изнајмување, но се чини дека општините малку вложуваат во инфраструктура што ќе поттикне што повеќе граѓани да се определат за ваков еколошки алтернативен превоз, особено во услови кога единствен јавен превоз во градов е автобускиот.
Препорачано
Велосипедската инфраструктура последниве години не е приоритет на градоначалниците, не се градат нови и по стандарди велосипедски патеки, туку најчесто се издвојуваат тесни ленти на постојните улици, одделени со пластични столпчиња од коловозот.

Грижата на општините за велосипедистите обично завршува со субвенции за купување нов велосипед, без да се понудат подобри услови за вљубениците на две тркала, па дури ни паркинзи, кои покрај патеките се основна потреба за ваков превоз. Освен низ централното градско подрачје, низ другите населби тешко се наоѓаат велосипедски паркинзи. Како што велат велосипедистите – кога со велосипед одиш на работа или излегуваш по каква било потреба, кога ќе стигнеш, треба некаде и да го паркираш.
Општина што најмногу се труди за унапредување на урбаната инфраструктура и поттикнување на одржлив транспорт е Центар. Пред три години Советот на Општина Центар донесе одлука со која ги обврза инвеститорите на нови згради и деловни објекти во рамките на градежната парцелата да предвидат и паркинг-простор за велосипеди. Центар, исто така, редовно дава субвенции за велосипеди, но е и единствена од скопските општини што дава субвенција за дополнителна опрема, односно за детски седишта и кациги. Општината беше прогласена и за највело општина.

Деновиве се поставени нови паркинзи за велосипеди и тротинети на повеќе локации низ општина Центар, како што се Сквер Јадран, на Водно кај маркетот „Тинекс“, во населбите Крњево и Кале, во Буњаковец кај „Зегин“, на улицата Рајко Жинзифов и пред зградата на Општина Центар.
Со овие интервенции, Центар го правиме попријатно и пофункционално место за живеење. Досега доделивме над 584 субвенции за велосипеди, поттикнувајќи поздрави навики и подигнувајќи ја еколошката свест кај нашите сограѓани, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Но, велосипедистите од „На точак“ не се задоволни од функционалноста на новите паркинзи и сметаат дека општината што го постави високиот стандард за добар дизајн на паркинг недозволиво е да поставува вакви паркинзи.

Нивните забелешки се, меѓу другото, за паркинзите во форма на клуч.
На овој тип паркинг може да се врзат само одредени типови велосипеди на рамот. Се има покажано како нефункционален. Ваков паркинг може да се става само на локации каде што има активна чуварска служба што го надгледува. Никако не може да биде поставен на јавен простор во населба со јавен живот и угостителски објекти во кои посетителите седат со часови… Во однос на дизајнот на паркинзите за велосипеди, Општина Центар покажува назадување споредено со претходните 10 години – велат велосипедистите.
Скопје „тапка“ во место, нема нови велосипедски патеки, а постоечките се оштетени и небезбедни
„На точак“ уште во мај годинава пратија предлог до сите скопски општини за поставување велосипедски паркинзи низ општините.
Сметаме дека Град Скопје и скопските општини со своите буџети можат да си дозволат пообемно поставување вакви држачи на територијата на Скопје, со кои ќе го направат велосипедот попрактичен за користење. Корисниците доаѓаат до крајната дестинација и се приморани да ги врзуваат велосипедите за бандери, канделабри, огради, сообраќајни знаци, дрвја итн., на места на кои можеби пречат на останатите минувачи. Или, пак, едноставно воопшто не доаѓаат до таа дестинација со велосипед поради отсуството на безбедна опција за заклучување на велосипедот, се наведува во предлогот.

Тие на општините им предлагаат да се лоцираат дестинации на кои недостасуваат паркинзи за велосипеди на просторот што е под нивна надлежност и да определат тип држачи што ќе бидат и интересни, но пред сѐ функционални какви што се универзалните П-држачи.
Паркинзите за велосипеди се најевтиното, наједноставното и најбрзо спроведливото решение во кое може да инвестираат општините за охрабрување на граѓаните повеќе да ги користат своите велосипеди – тврдат велосипедистите.