
Постпразнично мени и совети од нутриционистката Викторија Илиоска: Место да броите калории, пицата заменете ја со грав, а помфритот со леќа
Во зимскиот период, особено за празниците, нормално е да се јаде помрсна храна и да сме поопуштени во исхраната. Мрсната храна зема голема улога на македонската трпеза и кога на ова ќе се додадат преработена, брза храна, алкохол и ретка физичка активност, тогаш станува проблем со кој се соoчуваме.
Препорачано
Во интервју за „Слободен печат“ разговараме со нутриционистката Викторија Илиоска, како постпразнично да се рестартира организмот.

Празниците се зад нас, односно, времето на руска салата, сарми и месо заврши и сега е време за чистење на организмот. Најпрво, се претерува ли со јадење мрсна храна кај нас?
– Мрсната храна зема голема улога на македонската трпеза. Но, тоа не е клучниот проблем. Кога на неа ќе се додадат преработена храна, брза храна, алкохол и ретка физичка активност, тогаш станува проблем.
Инаку, доста е природно да се опуштаме за време на празничниот период. Не е проблем сè додека тоа опуштање е во граници на нормала. Треба да се работи на тоа исхраната да не се поврзува со емоции и сите кои се борат со телесната тежина во текот на годината, кога ќе дојдат празниците да не ги сфаќаат како единствено време кога е дозволено да се јаде сè. Овој пристап често создава фрустрации бидејќи потоа следува грижа на совест и тоа води кон ригорозни диети веднаш по празниците, што никогаш не е правилното решение.

Празниците поминаа, што е сега најпотребно за организмот да фати нов ритам?
– Најпотребно од сè е навремено да се почне со воведување промени. Да не бидат само одморите во јули мотивација за слабеење, бидејќи така се создава притисок и се прават грешни избори. Најдобро е сега да се почне со промени во животниот стил, исхраната и физичката активност и резултатите ќе дојдат побрзо од очекуваното.
Здравиот начин на исхрана бара купување поскапи намирници. Може ли да се избегне тој момент и да се направи мени што ќе одговара за сечиј џеб?
– Сметам дека е грешно уверувањето дека здравата исхрана е поскапа. Голем дел од здравите намирници се наоѓаат на пазар. А голем дел од житарките можат да се најдат рефус и се доста исплатливи. Тоа што е најскапо, често не се јаде во големи количини, како, на пример, јаткастите плодови, семињата, авокадото, маслиновото масло.
Најголем дел од печивата за појадок се поскапи од оброк со две-три парчиња здрав леб, намаз хумус, и богата зелена салата со маслинки и моркови. Една порција нарачана пица или помфрит, тост и слично е поскапо од една порција домашно подготвена сарма, грав, леќа, грашок, сезонски полнети пиперки со ориз, киноа и печурки… Готова печена пастрмка во пазар е поевтина од кој било бургер што моментално се продава. Се согласувам дека има намирници, а особено здрави оброци во ресторани кои, за жал, сè повеќе поскапуваат поради „популарноста“ што им се дава, но сепак, на долг рок, исто така, земајќи предвид дека доколку јадеме здраво нема ни да имаме толкава потреба за давање пари на суплементи и лекови, сметам дека здравата исхрана е многу поисплатлива.

Како нутриционист, кој е Вашиот најчест совет што го препорачувате?
– Најчест совет ми е: не бројте калории, не следете ригорозни популарни предлози од кои нема крај, не гледајте во вага секој ден, не бидете големи перфекционисти кога станува збор за воведување трајни промени. Ваквиот пристап речиси никогаш не носи долгорочни резултати. Инаку, не само постпразнично, туку и секогаш, најдоброто мени е природна, балансирана, редовна, сезонска и, кога се има можност, локална исхрана. Консултација со стручни лица за едукација низ процесот, осознавање здрави рецепти и отворен ум за нивно испробување без предрасуди, за да можат да се дознаат нови вкусови и така процесот станува многу попривлечен. Има решенија и за оние што се многу зафатени. При креирање такви менија, создаваме соодветни опции за помалку готвење и насоки за купување готова храна.
Дали е грешка да се скокаат оброци?
– Не се препорачува да се скокаат оброци без концепт и различно секој ден. Доколку се скокаат, тоа треба да е осмислен концепт што ќе трае соодветно време и соодветно на здравствената состојба на лицето и полот. Често читам во прашалниците што ги добивам од клиентите дека се појадува во 14 часот се руча во 21 часот. Нареден ден, се почнува супер со појадок во 9 часот, потоа се прави временски простор и се руча во 17 часот, па се вечера во 23 часот, што ќе се најде. Огромен временски простор меѓу оброците често води до прејадување, надуеност, нерегуларна дигестија, нестабилен крвен шеќер, нерамномерна енергија и главно чувство на немање контрола врз сопствената исхрана.

Освен исхраната, колку влијае вежбањето? И колку сега е потребно да се создаде или да се врати навиката, особено што ова е период на опуштеност?
– Здравата и испланирана храна го снабдува телото со потребната енергија и хранливи материи за секој тренинг соодветно, додека вежбањето ја активира таа енергија, го зајакнува телото и помага во губење на тежината. Без правилна исхрана, резултатите се остваруваат побавно, а без физичка активност, храната не може целосно да се искористи за подобро здравје. Вежбањето е двигателот, а храната е горивото.
Кои се придобивките од постпразничното рестартирање на организмот?
– Придобивките се големи. Но, не за исцрпувачки рестарт со рестриктивна исхрана и тешки диети, туку, пред сè, за психолошкиот рестарт на погледот кон исхраната, кој секогаш потенцирам дека е многу важен. Рестартот е од психолошка, енергетска и мотивациска смисла, а не од истоштувачка и е отскочна штица за достигнување на целите, особено оние што ги посакуваат до пролетниот и летниот период. Рестартирањето е сменување на „мајндсетот“, односно размислувањето и пристапот што ќе ни донесе големи резултати побрзо од очекуваното.