
Постојат охрабрувачки знаци, но Серхио Рико се уште е во тешка состојба
Резервниот голман на Пари Сен Жермен се уште е во тешка состојба и ќе мора да му бидат направени дополнителни прегледи откако на 28-ми мај доживеа несреќа при јавање во Андалузија.
Препорачано
Шпанскиот голман под седативи се уште е во болница каде што докторите полека ги прекинуваат седативите за да видат како ќе реагира.
„Постојат охрабрувачки знаци, но мораме да бидеме многу внимателни“, изјавил изворот од болницата во Севиља.
Веднаш по несреќата Рико бил пренесен во болница каде што е ставен на апарати за одржување на живот. Навивачите на клубот од Париз во текот на саботниот натпревар од последното коло во француското првенство го скандираа неговото име.
„Сигурна сум дека ќе биде горд на својата екипа за љубовта која ја покажаа соиграчите и навивачите кон него. Продолжуваме да се бориме за победа во оваа битка“, објави неговата сопруга Алба Силва на нејзиниот Инстаграм профил.
Рико член на ПСЖ е од 2019 година и за клубот одигра 24 натпревари, а има и еден настап за шпанската репрезентација.