
Постекоглу со најлош старт во последните 100 години
Анџелос Постекоглу, кој во мај ја освои Лигата на Европа со Тотенхем, денес е под силен притисок на клупата на Нотингем Форест по катастрофалниот старт на сезоната – најлош во последниот еден век.
Препорачано
Деби натпреварот на австралискиот стратег против Арсенал (0:3) беше очекуван пораз, но потоа следуваше елиминација од Свонси во Лига купот (2:3) иако Форест водеше со 2:0 на полувреме. На тоа се надоврзаа два ремија, со Барнли (1:1) и Реал Бетис (2:2), кои не изгледаа толку лошо, но вистинскиот колапс се случи потоа.
Форест загуби дома од Сандерленд и доживеа шок против аутсајдерот Митиланд (2:3) во Лига Европа, по што навивачите со песната „You’re getting sacked in the morning“ порачаа дека очекуваат негов брз крај.
Ова е најлош почеток на еден тренер на клупата на двократниот европски шампион од 1925 година, кога Џон Бајнс на првите седум меча исто така не знаеше за победа.
Постекоглу ќе има можност да се израмни со тој неславен рекорд веќе во недела, кога Нотингем гостува кај Њукасл.
Иако тој не е виновен за отпуштањето на Нуно Еспирито Санто поради лични конфликти со газдата Евангелос Маринакис, Австралиецот засега не успева да го „угаси пожарот“ во Шервудската шума.