Фото: Pexels

Посебна дарба или товар: Само 100 луѓе во светот имаат способност ментално да патуваат низ времето

Нова студија на случај опишува искуство на тинејџерка, наречена Т.Л. поради анонимност, која може да се сети на неверојатен број лични настани од својот живот. Се смета дека помалку од 100 луѓе во светот имаат ваква состојба, позната како хипертимезија или супериорно автобиографско помнење, кое за првпат било опишано во 2006 година, пишува „Саенс алерт“.

Студијата на Т.Л. е првата сеопфатна проценка за тоа како лица со оваа состојба ги доживуваат личните настани од минатото. Нејзината способност за ментално „патување низ времето“, ден по ден, ѝ овозможува повторно да проживува настани со истиот емоционален интензитет.

„Кај овие лица, познати како хипертимезичари, сеќавањата се внимателно индексирани според датум. Некои можат детално да опишат што правеле, на пример, на 6 јули 2002 година и да ги почувствуваат истите емоции од тој ден“, објаснува Валентина Ла Корте, невропсихолог и главна авторка на студијата од Универзитетот Париз Сите.

Уште од детството, Т.Л. била во состојба ментално да се враќа во минатото, повторно проживувајќи спомени во живописни детали, понекогаш и од различни агли. На осумгодишна возраст им открила на пријателите за оваа способност, но тие ја обвиниле дека измислува. Од страв да не изгледа чудно, на своето семејство им признала дури на 16 години, а на 17 одлучила јавно да ја раскаже својата приказна.

Во експериментот, научниците ѝ дале задача да се присети на четири лично значајни настани од пет различни периоди од животот. Нејзината точност и деталност биле на самиот врв од нормативниот просек, што ја потврдува дијагнозата хипертимезија.

Сеќавањата Т.Л. ги опишува како сместени во голема, бела соба со низок таван – „библиотека на умот“ во која хронолошки се подредени сите нејзини лични моменти. Таму, според неа, изложени се секоја играчка што некогаш ја поседувала, секоја фотографија и секоја книга со сите детали. Негативните настани, пак, ги чува во „сандак“ во истата просторија.

Нејзиниот ум содржи и други „соби“ за емоции: „ладна соба“ за смирување на бесот, „празна соба“ за решавање проблеми, како и непријатна „војничка соба“ што се појавила кога нејзиниот татко заминал во војска.

Иако студијата на Ла Корте не се фокусира на тешкотиите, други лица со супериорно автобиографско помнење го опишале своето искуство како непрекинлив, неконтролиран и автоматски тек на сеќавања, често како товар.

„Тешко е да се генерализираат сознанијата за хипертимезијата, бидејќи постојат многу малку документирани случаи. Дали стареењето влијае на нивните способности? Дали можат да научат да ги контролираат сеќавањата? Тоа се само дел од прашањата што остануваат отворени“, вели Ла Корте.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот