
Портрети и фигури од колекцијата на Националната галерија се изложени во Чифте амам
Во Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам, е поставена изложбата со наслов „Портрети и фигури – избор од колекцијата на Националната галерија“. Оваа изложба претставува селекција на педесетина дела (слики и скулптури) на едни од најрано присобраните експонати за колекцијата, вклучително и исклучително вредни дела, од кои голем дел биле претставени и на првата постојана поставка од формирањето на галеријата.
Препорачано
Овој избор е само мал дел од исклучителните уметнички остварувања од XIX до средината на ХХ век, во кои ликовниот јазик на врвните мајстори се движи од класицизам до модернизам (преку неоромантизам, импресионизам, сецесија итн.), со акцент на студиозно третирање на фигурата и особено портретот.
Изложбата е ретка можност, во наредните две недели, повторно да се видат овие дела што предизвикуваат особен интерес кај публиката, а се повремено претставувани во рамките на различни тематски изложби во организација на Националната галерија.
На изложбата „Портрети и фигури – избор од колекцијата на Националната галерија“ се претставени дела од авторите Сава Шумановиќ, Стеван Алексиќ, Петар Добровиќ, Матеј Стернен, Константин Данил, Никола Алексиќ, Стефан Тодоровиќ, Весна Соколиќ, Урош Предиќ, Паја Јовановиќ, Матеј Јама, Надежда Петровиќ, Зора Петровиќ, Петар Добровиќ, Влахо Буковац, Крсто Хегедушиќ, Марко Мурат, Леон Коен, Целестин Медовиќ, Никола Граовац, Павел Ѓурковиќ, Владимир Филаковац, Љубо Бабиќ, Коста Хакман, Мирослав Краљевиќ, Коста Милиќевиќ, Стојан Аралица, Лазар Личеноски, Миливој Узелац, Антун Аугустинчиќ, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ, Франо Кршинич, Ристо Стијовиќ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 272, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.3.2025)