Поранешниот шеф на тајната полиција почнува бизнис во транспортниот сектор

Поранешниот шеф на тајната полиција Владимир Атанасовски ќе започне свој бизнис во транспортниот сектор. Поранешниот осуденик во случајот „Организатори на 27 април“ е основач на фирмата „Тарвос Глобал“ за товарен патен транспорт со седиште во Делчево, од каде што потекнува, објави Фактор.

Атанасовски во изјава за Фактор вели дека последните години откако е на слобода, е вработен во фирма од Скопје која гради, изнајмува и одржува деловен простор и дека сега е време да започне самостојно да се испроба како претприемач.

„Во моментов јас сум вработен на друго место и само го скенирам пазарот. Најмногу работите ќе зависат од тоа дали ќе го обезбедам потребното кредитирање и лизинг. Треба да се купат половни транспортери и да пронајдам искусни возачи, што исто така е предизвик. Моја задача ќе биде да менаџирам со логистиката и треба да се знае дека со државата нема да работам“, вели тој.

Атанасовски додава дека ќе се транспортира сè што ќе се побара во моментот на интернационалните платформи.

„Во овој бизнис не се бира што се превезува специфично. Превозот се одвива според берзата што е наменета за овој сектор. Се следат рутите кои во моментот се нудат и ве одбираат ако се пријавите и доколку ги задоволувате техничките услови“, објаснува Атанасовски за Фактор.

Атанасовски на функцијата директор на УБК дојде на први септември 2016, откако Мијалков си поднесе оставка поради судирот на полициските сили со вооружена група од Косово во кумановската населба Диво Насеље. На функцијата Атанасовски остана до 16 јуни 2017, додека сè уште не беше почната истрага за организирањето на нападот на Собранието на 27 април и на сè што им претходело на тие настани. Потоа целосно си замина од МВР. Тврди дека сега повеќе нема никакви политички релации.

Тој во јули 2021 доби казна затвор од шест години и беше осуден првостепено заедно со Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески. Улогата на Атанасовски, според обвинението, била да ги координира патриотските здруженија и да се грижи да нема доволно полиција пред и во парламентот. Основниот Кривичен суд Скопје годинава донесе одлука да го прифати нивното барање за амнестија. Во април минатата година судот ја укина првостепената пресуда и го врати предметот на повторно судење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот