
Поранешната ученичка на Диди ги предупреди младите: „Не знаете што прават моќните луѓе зад затворени врати“
Американската пејачка Обри О’Деј се огласи откако нејзиниот поранешен ментор Шон Диди Комбс беше осуден на повеќе од четири години затвор. Музичарката ги предупреди младите музичари да се заштитат себеси кога работат со луѓе „на моќни позиции“, пишува „Пејџ сикс“.
Препорачано
„Нека ова биде предупредување за младите и амбициозни поединци кои ги следат своите соништа. Вистинското предупредување не е дека поротата може да се сомнева во вашето сведочење или дека упатствата на судот за изрекување казни можеби не ги одразуваат годините страдање што сте ги издржале. Вистинското предупредување е следново: во моментот кога некој на позиција на моќ ќе ги пречекори вашите граници или ќе побара повеќе отколку што е оправдано, одете си и не се осврнувајте назад“, рече таа, додавајќи:
„Ниеден сон, колку и да е голем, не може да ја надмине болката и експлоатацијата што може да следат ако останете.“
Обри, која беше членка на групата „Денити Кејн“, ги предупреди своите обожаватели за оние кои „ја злоупотребуваат својата моќ“ и истакна дека тие „се соочуваат со многу помалку последици од штетата што им е нанесена на нивните жртви“.
„Заштитете се себеси при првиот знак на принуда или несоодветност. Ако нешто не ви изгледа како што треба, верувајте му на тој инстинкт и тргнете се од ситуацијата. Вашата благосостојба вреди повеќе од која било можност“, додаде таа.
Федерален судија го осуди Диди на четири години и два месеци затвор во петокот, откако во јули беше прогласен за виновен по две точки од обвинението за транспорт со цел проституција. Покрај затворската казна, раперот мора да плати казна од 500.000 долари и да учествува во програми за ментално здравје и злоупотреба на супстанции.
Со оглед на тоа што Диди беше уапсен во септември минатата година и веќе помина една година во затвор, тој би можел да биде ослободен во следните три години.
Раперот беше обвинет и за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација и рекетирање, но беше ослободен од тие обвиненија.
Патем, О’Деј претходно го обвини Комбс дека ја искористувал додека таа го снимала неговото шоу „Making the Band“. Таа исто така рече дека била отпуштена од групата Денити Кејн затоа што „не била спремна да го направи она што се очекувало од неа, не во однос на нејзиниот музички талент, туку во некои други области“.

Обри деновиве реагираше на „опасната пресуда“. „Сè уште се обидувам да ја сфатам сериозноста на ова. Културната тежина на оваа одлука е неизмерна. Срцето ми е скршено од тоа колку многу животи биле погодени од нивните искуства со Шон Комбс, а сепак тие приказни не биле признати во очите на поротата. Можам само да се надевам дека тие поротници нема да мора да гледаат како некој што го сакаат поминува низ она што толку многу жртви го опишале“, напиша таа на Инстаграм.