
Поранешната девојка на Диди го поддржа раперот, испрати писмо до судијата: „Тој е грижлив и искрен. Тој не е закана“
Раперката Јанг Мајами, поранешна девојка на Шон Комбс – Диди, предала писмо воочи изрекувањето на неговата пресуда, во кое озлогласениот музичар го нарекла „полн со љубов, искрен, поддржувачки и секогаш охрабрувачки“. На 3 октомври судијата ќе му ја изрече пресудата на Диди, а раперката, членовите на неговото семејство, пријателите и колегите поднеле писма како знак на поддршка.
Препорачано
Јанг Мајами, чие вистинско име е Кареша Ромека Браунли, истакна дека Диди го познава четири години и дека три години била во врска со него, пренесува „Ролинг стоун“.
„Сведочев и запознав поинаква личност од онаа што често ја прикажуваат… Тој ме мотивираше, веруваше во мене и ми помогна да се развивам лично и професионално“, напиша таа.
Додаде и дека поранешниот партнер ја научил како да биде „подобра претприемачка“ и како да „пронајде рамнотежа помеѓу остварувањето на сопствените соништа и присутноста за семејството“.
Во писмото се потенцира и хуманитарната работа на Диди, како и „внатрешната работа“ која Комбс ја направил врз себе, вклучувајќи одлука да се пријави на програма за контрола на бес, да посетува терапија и да се посвети на физичко исцелување.
Јанг Мајами се потсети и на „најзначајните спомени“ со Диди, наведувајќи дека еден од нив бил кога за првпат ја одвел на Мет Гала.
„Не се работеше само за настанот, туку за тоа што тој претставуваше. За Шон отсекогаш беше приоритет да им отвора врати на црнците, да обезбеди да бидеме видени, сослушани и ценети во простори од кои историски бевме исклучени. Таа вечер ме потсети дека припаѓаме во секоја просторија, на секоја маса и во секој разговор. Непрестано ме поттикнуваше, како и бројни други, да сонуваме поголеми соништа, да одиме со самодоверба и никогаш да не го намалуваме тоа што сме за да им угодиме на другите“, порача таа.
Адвокатите на Диди побараа намалување на казната: „Веќе долго е во еден од најозлогласените затвори. Време е да се врати дома“.
Раперката во писмото навела дека „не може да брани ништо што се случило претходно“.
„Не оправдувам никакво лошо однесување“, напиша таа, но нагласи дека, според нејзиното искуство, Комбс не претставува опасност за заедницата. Го нарече „Божји човек“ кој „воздигнува, поддржува и инспирира луѓе околу себе да бидат подобри ментално, физички и духовно“.
„Искрено верувам дека припаѓа дома, кај своето семејство, со луѓето кои му значат најмногу и кои и натаму се негов најголем извор на смисла и сила“, стои во писмото.
Инаку, Комбс беше уапсен во септември минатата година, а во мај 2025 започна неговото судење. Обвинет беше за рекетирање, трговија со луѓе за сексуална експлоатација и кривични дела поврзани со проституција. На крајот беше прогласен за виновен само за делата поврзани со проституција, додека за потешките обвиненија беше ослободен. Сега му се заканува максимална казна од 20 години затвор, а неговите адвокати се борат судијата да му ја намали казната на 14 месеци.
Во документите што неодамна ги поднесоа, беше истакнато дека просечната казна за оние кои извршиле слично кривично дело е 14,9 месеци. Потенцираа дека би било „незаконито“ судот да ја зголеми неговата казна. Сепак, останува да се види како ќе пресуди судијата Арун Субраманијан, особено откако му нареди на Комбс да се врати во затвор по судењето.
Адвокатите на раперот неколку пати бараа да му се одобри кауција, но судијата го одби тоа.
Тимот на Комбс понуди кауција од 50 милиони долари за домашен притвор, тврдејќи дека озлогласениот рапер не претставува ризик.
Адвокатите на Комбс поднесоа повеќе од 75 писма со поддршка, меѓу кои и оние напишани од неговите деца Џастин, Ченс, Д‘Лила и Џеси. Писма напишале и Дана Тран и Сара Чапман, мајките на неговите деца. Поддршка му испрати и неговата мајка Џенис.
„Шон отсекогаш бил грижлив син полн со љубов. На 21 декември ќе наполнaм 85 години. Оваа разделеност во изминатата година, додека Шон беше во затвор, беше исклучително тешка и болна за мене и за неговите деца. Би сакала да можам да ги поминам последните години од мојот живот со мојот син Шон. За жал, мојот син направи некои страшни грешки во животот, а знам дека тој ги препознава“, напиша Џенис.