Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Поради дефект на приватен имот жителите на 12 куќи шест дена мрзнат без парно, сопственикот не ги пушта ЕСМ да му влезат во двор

Од ЕСМ информираат дека прекинот на испораката ќе трае сѐ до оној момент додека не им биде овозможен пристап за да го санираат дефектот. Кога тоа ќе биде, не се знае, но како што тврдат, ќе се преземат сите правни средства за решавање на настанатата ситуација. Кои се тие правни мерки што им стојат на располагање и кога ќе ги преземат, одговор нема.

Дванаесет семејни куќи, во кои живеат повеќе семејства во Карпош 1 веќе шести ден се со студени радијатори, откако во петокот е прекинато снабдувањето со парно поради дефект на мрежата. Дефектот се случил на цевките кои поминуваат на приватен имот, па екипите на ЕСМ не можат да го санираат затоа што сопственикот не им дозволува да влезат во неговиот двор.

Деновите си минуваат во „чекање“ нешто да се случи, додека жителите во останатите објекти се смрзнуваат поради очигледното недоразбирање помеѓу сопственикот и ЕСМ.

Поради дефект на топловодна дистрибутивна мрежа која поминува низ имот на улица Мирка Гинова број 11, за кој на операторот на системот за дистрибуција му е оневозможен приостап за прецизно лоцирање и негово санирање од страна на сопствениците на имотот, од 21.02.2025, објектите кои се снабдуваат со топлинска енергија преку овој дел на дистрибутивната мрежа ќе бидат оневозможени да се снабдуваат со топлинска енергија од системот за централно греење – велат од ЕСМ Снабдување.

Без греење се куќите на улица Орце Николов број 162, 162А, 164, 168, 170, 172 и број 176, како и жителите на улица Мирка Гинова број 9, 11, 13, 15 и 25.

Фото: Скриншот

Од ЕСМ информираат дека прекинот на испораката ќе трае сѐ до оној момент додека не им биде овозможен пристап за точно да го лоцираат и да го санираат дефектот. Кога тоа ќе биде, не се знае, но како што тврдат, ќе се преземат сите правни средства за решавање на настанатата ситуација и за обезбедување стабилно и сигурно снабдување со топлинска енергија. Но, кои се тие правни мерки што им стојат на располагање и кога ќе се преземат, одговор нема, освен дека мрежните правила налагаат потрошувачот да обезбеди пристап.

Во Мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија за греење на ЕСМ-Дистрибуција меѓу останатото, во член 28, се вели дека потрошувачот треба „да обезбеди непречен пристап до сите елементи на системот за дистрибуција на овластените лица на операторот на системот за дистрибуција, вклучувајќи ја опремата во склоп на дистрибутивната мрежа, приклучокот, топлинската потстаница, мерните уреди, заедничката грејна инсталација на објектот и грејната инсталација на потрошувачот“.

Уште попрецизно оваа материја е дефинирана во член 31 од правилникот.

Во случај на дефект на дистрибутивната мрежа, заради негова санација и овозможување на безбедно и сигурно функционирање на системот за дистрибуција, сопственикот/корисникот на имотот каде е настанат дефектот е обврзан на операторот на системот за дистрибуција да му дозволи непречен пристап до местото на дефектот, се наведува во ставот 3 од овој член.

Веднаш во следниот член е дефинирана и обврската на дистрибутерот каде се вели дека „ операторот на системот за дистрибуција, по претходно известување упатено до сопственикот/корисникот на имотот каде е настанат дефектот, е должен да пристапи кон санација на истиот и враќање во првобитна состојба на местото каде што е вршена санацијата“.

Или едноставно кажано сопственикот мора да обезбеди пристап, а операторот е должен да изврши санација. Во моментов не се случува ниту едното ниту другото, а жителите од другите куќи се видно вознемирени од целата ситуација, за која не се знае кога ќе се најде решение, а во овие зимски денови сериозно влијае на нивното здравје.

Што сме ние, колатерална штета? Нека си најдат некој правен лек. Измрзнавме, имаме мали деца, стари луѓе во семејствата, немаме друг начин на греење. И ако сопственикот не им дозволува да влезат до крај на сезона, тие ќе си седат со скрстени раце, а ние ќе си останеме без парно? Па каде го има ова? Срамота невидена. Уште во петокот нѐ информираа дека ќе бидеме без парно и сега немаме никаква информација дали воопшто нешто се презема. Што чекаат, ние да го убедуваме сопственикот? Па имаат закони, имаат полиција, нека преземат нешто – реагираше вознемирено еден од жителите во нашата редакција.

Фото: Слободен печат/Анета Стојковска

Како што е познато, правото на сопственост е загарантирано уставно право, а е регулирано со Законот за сопственост и други стварни права. Токму во овој Закон е наведено дека „поставување вод и други уреди (електрични, канализациони, водоводни, гасоводни, топловодни, телекомуникациски и други) на туѓа недвижност без согласност на нејзиниот сопственик е можно кога тоа е во јавен интерес утврден со закон, а во интерес на определено лице според одредбите на службеност“.

Комунално-технички службености се правото на спроведување на гасоводни, нафтоводни, водоводни и други цевки на туѓо земјиште, правото на спроведување на телевизиски кабли на туѓо земјиште и друго – се вели во член 195 став 3 од Законот.

Доколку Законот допушта на туѓ имот да се поставуваат топловодни цевки, мора да постои и можност на овие цевки да се отстрануваат дефекти, без оглед на тоа дали сопственикот дозволува или не, затоа што со своето однесувањево конкретниов случај им го нарушува правото на греење на неговите соседи.

Жителите се надеваат дека сепак наскоро во нивните домови ќе стигне топлина. Ако им е за утеха нема да им се наплатат деновите кога немале парно.

Согласно законската регулатива, во периодот во кој нема да се испорачува топлинска енергија на калориметарот на мерното место и следствено нема да биде фактурирано. За овој прекин на снабдувањето сите засегнати потрошувачи се известени писмено и телефонски од нашите екипи – велат од ЕСМ-Снабдување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот