Одбележување на Денот на МАНУ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Попов на Денот на МАНУ: Само преку рамноправен дијалог со соседите и со ЕУ може да дојдеме до решение

Евроскептицизмот кој се јавува во последно време е резултат на пречките кои ЕУ неправедно ни ги постави на нашиот европски пат, а кои најмногу се однесуваат на меѓународно превземените обврски во врска со договорите со Грција и оној за добрососедство со Бугарија, кои во најмала рака беа референдумски прашања кои треба да се почитуваат, чии што последици се евидентни и сè уште не им се гледа крајот, рече претседателот на МАНУ.

Македонската Академија на науките и уметностите денес го одбележа Денот на Академијата, односно, како што кажа претседателот на МАНУ, академикот Живко М. Попов, „денот на конституирањето на еден од симболите на македонската државотворност“.

По положувањето цвеќе пред споменикот на Блаже Конески, пред институцијата,  обраќање имаше Попов кој го честиташе денот на МАНУ, но го спомена и проблемот со кој се соочувале вработените во МАНУ, кои заостанувале зад платите на вработените од истиот профил во јавниот сектор, за кој од неодамна било понудено привремено решение.

– За тешката состојба во Академијата поради нерешениот проблем и за апсурдната состојба во која платите на вработените во МАНУ, како национална институција од особено значење, значително заостануваа зад платите на вработените со истиот профил во јавниот сектор, беа информирани надлежните инстанци и институции. После добиената согласност од нив, а со максимална рационализација на своите институционални потреби во текот на 2024 година (преку пренамена на средства од други расходни ставки), Академијата со прифатлива солуција од расположливите правни механизми, ја доуреди методологијата за пресметка на плата, нивелирајќи ги платите на вработените во МАНУ со платите на вработените во сите високообразовни и научни установи, иако тековно како привремено решение, но перспективно, до донесувањето на единствено прифатливото законско и системско решение – рече академикот Попов.

Претседателот на МАНУ кој обраќањето го започна токму со проблемот со ниските плати на вработените во институцијата, не пропушти во свое и во име на МАНУ да му се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски за, како што кажа, безрезервната поддршка на академијата, како и за напорите на одговорните лица во Владата за ангажманот за изнаоѓање решенија на проблемите.

Одбележување на Денот на МАНУ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Во неговиот говор беше споменато и прашањето за формирање на Албанска академија која Претседателот на МАНУ, рече дека тие како институција се секогаш отворени за членови од различни етнички заедници и смета дека треба да има само една Академија.

– Во Македонија, како и во сите унитарни земји од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии, па оттука актуелниот притисок за формирање на моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован. Но, согласно практиката во други држави, може да се формираат научно-уметнички друштва како граѓански здруженија, или Академии во рамките на професионалните асоцијации од одредени области (на пример Академија за архитектура, правни науки и слично) – додаде тој.

Во обраќањето Попов се осврна и на евроатлантските интеграции на Македонија и рече дека на патот за членство во ЕУ земјава е пример за мирољубива коегзистенција со соседните земји.

– Пријателството, спремноста за соработка и отворениот дијалог со сите, а посебно со соседните земји не секогаш беше возвратено на соодветен начин, напротив некои од нив покажаа неразбирање и нерационално однесување. Евроскептицизмот кој се јавува во последно време е резултат на пречките кои ЕУ неправедно ни ги постави на нашиот европски пат, а кои најмногу се однесуваат на меѓународно превземените обврски во врска со договорите со Грција и оној за добрососедство со Бугарија, кои во најмала рака беа референдумски прашања кои треба да се почитуваат, чии што последици се евидентни и сè уште не им се гледа крајот. За нив земјата направи болни компромиси, при што си го промени прво државното знаме, а потоа и државното неприкосновено име, но и покрај тоа изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ – изјави Попов.

Сепак, додаде дека треба да сме свесни дека ние како мал народ и сиромашна држава само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и ЕУ може да дојдеме до разумни и прифатливи решенија за создадените проблеми, зачувувајќи го притоа културното и историското наследство кое му припаѓа на македонскиот народ како европска вредност.

Академијата му додели меѓународното признание „Блаже Конески“ на годинашниот добитник Мотоки Номачи, професор во Славјанско-евроазиски истражувачки центар на Универзитетот Хокаидо во Јапонија, а говор одржа и академикот Марјан Марковиќ.

Одбележување на Денот на МАНУ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

На денешното одбележување на Денот на МАНУ, беше промовирано и изданието „Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург 1902 – 1971“, предводено од директорот на Институтот за национална историја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот