Фото: илустрација / photoai.com

Поп од Кочанско ги предупредува верниците: Бајач шири „лажна вест“ за лековита вода во манастир што се гради

Свештеникот од Брегалничката епархија Димитар Арсовски објави дека човек, кого го претставува како „бајач“, ги лаже верниците дека водата од еден манастир во изградба во Кочанско е од „свет извор“ и дека водата е „лековита“.

„Почитувани верници, поради искушението кое ние се појави во врска со храмот во изградба во местото Кочански Дол должни сме да го објасниме следното: Храмот е почнат да се гради со благослов на надлежниот Митрополит Брегалнички господин Иларион по сите пропишани правила и норми и за негова доградба и конечен изглед се собираа доброволни донации од сите благочестиви христијани кои сакаа и имаа желба да дадат свој скромен финансиски придонес. Она што сме должни како Црква и свештенство да реагираме е следното: По социјалните мрежи кружеше информација дека во кругот на манастирот постојат „свети води“ од кои народот добивал исцеленија од болести и неплодните жени добивале пород. Ова е крајно безобразна лажна вест и како таква ја демантираме. По сведоштво од присутни лица ни е посведочено дека таквата „света вода“ била полнета со црево и дека доаѓал бајач од Штип кој наводно помагал во лечењето. Ваквото однесување со луѓето кои од разни маки и потреби доаѓаат е нечовечно, безобразно, претставува чист криминал, манипулација и оцрнување на Црквата Христова“, предупреди свештеникот на „Фејсбук“.

„Како црква недозволиво е таквото место да биде осквернето од бајачи, гатачи, надри и квази лекари и апелираме до верниот народ да биде внимателен во врска со ваквите појави“, додава тој, без да им објасни на верниците дека и без „лажната вест“ што наводно ја ширел „бајачот“, не постои такво нешто како „лековита“ вода.

„Исто така, чувствуваме потреба да ги заштитиме благочестивите донатори и лицата кои од чиста љубов собираа донации, а кои поради ситуацијата се најдоа на мета. Се надеваме дека на ова искушение побрзо ќе му дојде крајот и во иднина дека нема да се соочуваме со вакви немили настани. Дај Боже храмот побрзо да го добие оној вистински лик што го заслужува и таму радосно и соборно да се служи Света Божествена Литургија“, објави свештеникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот